Поезија од Ацо Шопов на „Европската ноќ на литературата“ во Софија

Од:

Во софиската галерија „Сезони“ вечерва се читаше поезија од стихозбирката „Раѓање на зборот“ од Ацо Шопов, што минатата година е преведена на бугарски јазик од Роман Кисјов, издание на „Авангарда принт“ од Софија.

Настанот е дел од манифестацијата „Европска ноќ на литературата“ која се одржува во Софија и во уште осум градови во Бугарија (Бургас, Варна, Плевен, Перник, Русе, Велико Трново, Габрово, Пловдив), каде се чита поезија од Ацо Шопов. Манифстацијата се одржува и во голем број градови на други европски земји под покровителството на Европската асоцијација на културни институции (ЕУНИК).

Манифестацијата се одржува трета година по ред во Софија, а Културно-информативниот центар на Република Македонија во главниот град на Бугарија, втора година по ред е вклучен во нејзината организација.

Директорот на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, Васко Шутаров истакна дека на 11 локации, неформални места т.н. гнезда во Софија се чита поезија на еден поинаков начин, не како во библиотеките, читалните, не како пред електронските уреди, туку во живо, непосредно со слушателите.

– Во функција на промоција на литературата, во функција на едно понеконвенционално доживување на книжевноста, втора година по ред учествуваме на овој настан. Партнери ни се Чешкиот центар, Полскиот културен институт, Британскиот совет, Гете Институтот, Унгарскиот институт, Австриската амбасада, Рускиот културно-информативен центар, а партнери ни се институциите во Бугарија, рече Шутаров.

Нашиот проект, додаде тој, и годинава е потпомогнат од македонски студенти во Софија.

Стиховите од Шопов на бугарски јазик вечерва во Софија ги интерпретираше македонскиот актер Иван Калошев, со музичка придружба од Ива Христовска на гитара и Стефан Здравески на саксофон од Македонија, како и Емил Ѓоргиев на гитара од Бугарија. Видео материјалот за Ацо Шопов го изработи режисерката Ана Батева од Македонија.

Посетителите на поетските пунктови во Софија слушаат стихови и добиваат печати во програмската брошура. Оние кои собрале печати од најмногу места како подарок ќе добијат вредни книжевни изданија од познати европски автори, меѓу кои и дела од Ацо Шопов, Радован Павловски, Митко Маџунков и Влада Урошевиќ.

На рекламниот материјал Република Македонија е застапена со логото на Министерството за култура.

Во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија утревечер ќе биде отворена ликовната изложба „Орнаментите на Атанас Атанасоски и Марина Лешкова“ во организација на Музејот на современата уметност од Скопје.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање