Писмо на Ориѓански до Груевски и Канческа – Милевска

Од:

Музичарот Златко Ориѓански на Фејсбук напиша писмо упатено до премиерот Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска. Тој отворено ги прашува зошто барањето на легендата на македонската музика Вања Лазарова за добивање на титулата национален уметник, како и национална пензија е одбиено од Министерството за култура.

Ви го пренесуваме писмото на Ориѓански:

Почитуван премиере Груевски,

Претпоставувам дека сте зафатен со поважни работи од моево писмо,но таков е моментот, чувствувам потреба да Ви се обратам лично вам, знаејќи дека ми ја сакате музиката која низ годиниве сум ја пишувал. Дали знаете почитуван премиере дека барањето од Вања Лазарова за национален уметник и национална пензија е одбиено од Министерството за култура? Со Вас почитуван премиере се запознавме еднаш, сосем кусо при снимањето на рекламата „Маde in Macedonia“,,од М.Манчевски, со моја музика а со гласот од Вања ко заштитен знак.

Претпоставувам дека таа средба воопшто не ја паметите, но, во паузата од снимањето Ве потсетувам дека бевте воодушевен. Тогаш бевте министер во Владата на Георгиевски. Дали паметите дека Вања, нашата тетка Вања пееше во филмот „Пред дождот“? Оној филм кој на Македонија и донесе Златен Лав во Венеција, оној филм кој освои повеке од 100 награди од Шпанија, преку Италија до Бразил и Аргентина..Тоа е филмот кој стаса до Оскар,тоа е филмот кој влезе во 100 – те најзначајни филмови на Светската кинематографија.

Таму, во тој филм Вања Лазарова ја отпеа „Со Маки сум се родила“ во името на сите нас. Не би сакал да редам што се таа жена остави и направи за Македонија, оти ке треба да Ви напишам роман. Зарем е верно Македонија да и врати на ваков недостоинствен начин? Зарем е можно Македонија да нема 10.000 денари кои би се додале на нејзината пензија,за достоинствено,во старски дом,да си замине од овој свет кога ке и дојде време? Зарем не чувствувате дека треба да и се оддолжиме сите ние, сега, кога тоа не го направи Македонија кога можеше и кога требаше? На крајот,дали воопшто е потребно некој како Вања,да поднесува барање,да се занимава со административни глупости и самиот да се предлага за награда? Зарем немаме до толку свест ние самите да знаеме и согледаме која беше Вања, кој беше Петре М.Андреевски?

Ако одговорот од Министерството е дека нема добиено државна награда, па затоа не може да и се додели статус национален уметник, тогаш се поставува прашањето, зошто до сега никој не и дал? Требаше да се предложи сама или да ја предложат група граѓани? Тоа,како принцип не ве потсетува на Советскиот сојуз за време на Сталин? Замислете еден Bob Dylan да тргне да пополнува формулари и самиот да се предложи за награда.Зарем тоа не е комично?

За почитуваната министерка Канчевска имам само едно прашање и мислам дека имам легитимно право да го поставам: Почитувана министерке,кажете ми една, само една причина поради која Вања не е национален уметник?

Со почит, Златко Ориѓански

Би можело да ве интересира

На „Браќа Манаки“ преставени кинематограферите Јошио Китагава, Азамат Дулатов и Јошико Такано

Книжевна вечер за Шопов во Друштвото на словенечките писатели pо повод објавувањето на двојазичниот избор „Златен круг на времето“

Македонска филхармонија гостува во Дубровник

Двојазичниот избор „Златен круг на времето“ од Ацо Шопов промовиран во Љубљана

Победничката на UpBeat – Best New Talent Award на фестивалот Звукот на Скопје

Почесна „Златна Камера 300“ за Јанаки Манаки од ИФФК „Браќа Манаки“

Предраг Петровиќ