Портретот на поетот и академик Матеја Матевски беше претставен на 15-та јубилејна литературна манифестација „Илинден 2014“, што се одржува од 12 до 16 мај во општина Илинден.
За значењето на делото на овој доајен на македонскиот пишан збор беседа одржа Ефтим Клетников. Тој посебно истакна дека уште со „Дождови“ во 1956 година Матевски се откри како апсолутно зрел и моќен поетски идентитет.
– Уште позначајно е тоа што тој го донесе и посеа со семето на своите стихови на почвата на современата македонска поезија. Плодовите од таа сеидба слободно можеме да кажеме дека и денес се уште и даваат белег и ја збогатуваат македонската поезија, истакна Клетников.
Градоначалникот на општина Илинден Жика Стојановски му додели посебно признание на академик Матеја Матевски за особен интерес во афирмацијата на литературната манифестација „Илинден“. Признанието го прими Ефтим Клетников.