Турција не планира да плати 90 милиони евра оштета на Кипар за воената операција од 1974 година, изјави денеска шефот на турската дипломатија Ахмет Давутоглу.
Неговата изјава уследи по вчерашната одлука на Евроспкиот суд за човекови права кој пресуди Анкара да му плати на Кипар рекордно висока компензација.
Турција, која е земја-кандидат за членство во Европската унија, чиј член е Кипар, не смета дека е должна да исплати компезација на земја која официјално не ја признава. Во вчерашната одлука на Европскиот суд има некои правни противречности и поради тоа одлуката не ја сфаќаме целосно обврзувачка, истакна Давутоглу.
Република Кипар покрена тужба против Турција во 1994 година. Кипарските власти тврдат дека со воената интервенција биле прекршени многу членови на Европската конвенција за човекови права. Барањето на Кипар беше примено од Судот во 1996 година, а во 2001 година беше оценето дека поголемиот број од тезите се основани. На 10 мај 2001 година Судот во Стразбур оцени дека Турција е виновна за кршење на човековите права на Кипар, но тогаш не пресуди материјално и морално обесштетување.
Давутоглу истакна дека одлуката на Европскиот суд за човекови права е најголем удар врз кипарските преговори, кои беа обновени во февруари.
Кипар е подолен од воената интервенција во 1974 година, кога турската армија навлезе во северниот дел на островот, како одговор на државен удар во земјата спнзориран од Грција. На северниот дел на островот е прогласена Турската Република Северен Кипар, која е призната само од Анкара, која не ја признава Република Кипар.