Денеска излезе трејлерот за новиот македонски филм „Деца на сонцето“ на Антонио Митриќески, чија постпродукција е при крај, за да има премиера во септември.
Третиот игран филм на Митриќески е современа урбана драма која се снимаше во јуни и јули минатата година на Преспанското езеро, во Битола и Скопје.
„Деца на сонцето“ е љубовна приказна во чиј фокус е едно македонско семејство кое живее на работ на егзистенција. Главните ликови во филмот ги играат: Кире Ѓоревски и Ивана Павлаковиќ, Владо Јовановски, Милица Стојанова, Мето Јовановски, Билјана Танески, Ѓорѓи Јолевски, Сашко Коцев, Камка Тоциновски и други.
Музиката за филмот ја подготви Влатко Стефановски, кој игра и епизодна улога во филмот. Директор на фотографија е Јарослав Шода од Полска, а монтажата е на Андрија Зафрановиќ од Хрватска.