Седмата по ред Македонска книжевна визита од утре до 10 мај ќе се одржи во Софија во организација на издавачката куќа „Макавеј“ од Скопје, а во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Бугарија.
Како што информира на денешната прес-конференција главниот уредник на „Макавеј“ Владимир Цветкоски, овој меѓународен собир на писатели, критичари, поети, книжевни научници, издавачи и преведувачи, кои што работат во насока на промовирањето на македонската во Бугарија и на бугарската литература во Македонија, е во насока на зближување на културните светови на двата соседни народа.
– Од првата книжевна визита до денес како резултат на оваа соработка ИК „Макавеј“ може да се пофали со 60-тина книги-преводи. Од нив половина се преводи на книги на македонски автори на бугарски јазик, најчесто објавувани во копродукција со некоја софиска издавачка куќа, а другата половина се преводи од објавувани бугарски автори на македонски јазик во издание на Макавеј, рече Цветкоски.
Програмата на Македонската книжевна визита годинава ќе започне со портрет на македонскиот истакнат поет Раде Силјан. За неговата поезија ќе говорат македонските критичари и поети Санде Стојчевски и Бранко Цветкоски. Првиот работен ден ќе финиша со поетски митинг со македонски поети. На оваа вечер посветена на македонската поезија ќе настапат реномирани поети од земјата како Веле Смилески, Санде Стојчевки, Раде Силјан, Бранко Цветкоски, Братислав Ташковски, Виолета Танчева – Златева, Славе Ѓорго Димоски, Кочо Топузовски и Трајче Кацаров.
На вториот ден традиционално, групата македонски поети ќе положат цвеќе на гробот на Венко Марковски – основоположникот на македонската литература, на Софиските градски гробишта. Во попладневниот дел во рамки на манифестацијата ќе биде врачена и наградата „Книжевен Дедал“, која ја доделува македонската издавачка куќа „Макавеј“ за долгогодишни напори за продлабочување на врските меѓу македонската и бугарската литература. Овогодинешен добитник на наградата е бугарскиот поет, преведувач и сликар Роман Кисјов, кој со бројните преводи на стихозбирки на еминентни македонски автори придонесе кон запознавањето на бугарската читателска публика со македонската современа лиетаратура.
– Книгоиздателството Макавеј цени дека наградата оваа година треба да му се додели на Кисјов оти, се чини, дека тој преведува најмногу современа македонска поезија. Превел бројни поетски циклуси од низа македонски поети во најпрестижните бугарски списанија и весници. Меѓу нив се Ацо Шопов, Матеја Матевски, Радован Павлоски, Богомил Ѓузел…, вели Цветкоски.
Со поетската средба со десетина бугарски писатели манифесатцијата ќе го има своето финале. Дел од авторите кои ќе читаат своја поезија во салонот на МКИЦ во Софија се венценосецот Љубомир Левчев, Петар Караангов, Петар Андасаров, Роман Кисјов, Николај Шопов и други истакнати пера на современата бугарска книжевност.
Инаку, Кисјов е роден 1962 година во Казанлак, Бугарија, а живее и твори во Софија. Автор е на повеќе стихозбирки, вклучен е во повеќе антологии во земјите од регионот и пошироко, а објавувал и во бројни авторитетни литературни списанија во Европа и Индија. Преведуван е на 20-тина јазици, и бил дел од бројни поетски фестивали.
За својата прва поетска книга „Вратите на рајот“, во 1995 годинатој ја добива националната награда за поезија на најстарото издаваштво во Бугарија – „Христо Г.Данов“, а истата година е лауреат и на наградата за култура и уметност „Сексагинта Приста“, во градот „Русе“. Во својство на преведувач на македонска литература Кисјов е вклучен и во европскиот литературен проект Jorney Accros Europe. Remeasuring Cultural Space (2010-2011).
Првата Македонска книжевна визита се одржува од 2006 година. Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.