Поетот Никола Маџиров е избран од организацискиот борд на „Европската конференција на писатели“ да ја отвори „Долгата ноќ на европска литература“ која ќе се одржи на 8 мај во националниот „Дојче театер“ во Берлин по повод Денот на Европа.
Маџиров ќе прочита песни и еден есеј на македонски јазик, а ќе се читаат и преводи на германски од Александер Зицман.
Овој европски книжевен настан ќе го отвори министерот за надворешни работи на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, а на трибината „Европа – сон и реалност“ ќе учествуваат поети и прозаисти речиси од сите европски земји, како и филозофи, режисери и политичари меѓу кои и Јошка Фишер.
Сите избрани автори и интелектуалци ќе се обидат да дадат одговор на прашањето што е Европа денес и дали Европа има иднина или е само претворена во отворен музеј. На крајот ќе излезат во јавноста со заеднички манифест.
Никола Маџиров на овој европски настан ќе настапи под уставното име, а „Долгата ноќ на европска литература“ ќе биде снимена и пренесена од германската телевизија „3-Сат“