Според перцепцијата на граѓаните на Македонија, корупцијата е најприсутна меѓу судиите и политичарите, покажуваат резултатите од истражувачкиот проект реализиран од 8. до 18. јануари минатата година во 37 општини, со 1.210 испитаници од страна Факултетот за безбедност-Скопје, што денеска под наслов „Мислењето на граѓаните на РМ за корупцијата“, беше промовиран во Домот на АРМ во Скопје.
Ова е еден од повеќето проекти што ги реализира Факултетот за безбедност, нагласи деканот проф.д-р Оливер Бачановиќ, но првпат на оваа тема. Тој изрази надеж дека извештајот ќе предизвика интерес кај научната и стручната јавност. Според него, дадени се релевантни податоци врз основа на кои соодветните институции ќе можат да преземат мерки и активности, а оваа тема, смета, заслужува внимание поодамна.
– Резултатите покажуваат дека меѓу граѓаните се уште е високо нивото на претстава за присуството на корупцијата во земјава и за корумпираноста на определени професии и институции. Како најкорумпирани минатата година се оценети судиите, а во годинашното истражување политичарите, појасни проф. д-р Цане Николовски, раководител на истражувачкиот тим. Според него, не наишле на соодветна соработка минатата година со Основниот суд Скопје 2 и со Јавното обвинителство, а солидна соработка имале со Царината и со МВР.
Проф. д-р Марјан Николовски, главен истражувач во проектот истакна дека идејата е да се спроведе петгодишно истражување на оваа тема. Првичните резултати од истражувањето од оваа година извршено од 8. до 20. јануари во 37 општини во Република Македонија со 1.007 испитаници со теренско испитување, посочи тој, покажуваат дека општата констатација е дека годинава според грѓаните најголемата корупција ќе се бара кај политичките партии и политичките лидери.
Од испитаниците 50 проценти посочиле дека за корупцијата информациите ги добиваат преку средствата за јавно информирање, а потоа следуваат образовните институции, работното место, приајтелите…. Со тоа, смета Николовски, се поставува прашањето за објективноста на медиумите.