Во библиотеката „Страшо Пинџур“ денеска ќе се одржи Книжевно пладне посветено на првата македонска поетеса Даница Ручигај.
Повод за настанот е 80-годишнината од раѓањето на поетесата која иако зад себе остави само две стихозбирки, претставува автор со историско значење за современата македонска книжевност.
Ручигај и припаѓа на третата генерација македонски поети кои во шеесетите години на минатиот век внесоа силен, свеж бран во современата македонска поезија. Својата дебитантска стихозбирка „Сребрени ноќни игри“ во која доминираат љубовните мотиви, Ручигај ја објави во 1960 година и со неа промовира специфично, модерно структурирање на поетскиот израз.
На Книжевното пладне беседа за поезијата на Ручигај ќе одржи проф. д-р Кристина Николовска.