Шест компании од Хрватска, Турција, Шпанија и Австрија доставиле барање до Агенцијата за државни патишта за модернизација и електронска наплата на патарините долж Коридорот 10. Тие денеска ги доставиле барањата до Агенцијата, која ќе ја преземе надлежноста на патарините од 1 октомври.
„Следува период во кој ќе треба да се испита дали понудите одговараат на техничките услови што се потребни за проектот што сакаме да го реализираме. По разгледувањето завршува првата фаза кога ќе се одбере техничкото решение по кое ќе се отвори втората фаза на тендерот кога ќе се понудат цени за изведбата – изјави Александар Стојанов“, помошник директор за Секторот за инвестиции во Агенцијата за државни патишта.
Од Агенцијата за државни патишта се надеваат дека до крајот на годината ќе биде познат изведувачот, а рокот на изведба е 18 месеци.
Електронската наплата на патарините е замислена така што плаќањето ќе биде со картички, без посредство на човечки фактор, а странците ќе имаат опција да плаќаат со банкарски картички.
Модернизацијата и електронската наплата на патарините ќе започне од Коридорот 10, по што планирано е да се продолжи на Коридорот 8, особено на оној дел каде има автопатско решение.
Засега со воведувањето на електронскиот систем на наплата не се планира поскапување на патарините, но надлежните истакнуваат дека во Македонија цената на патарините е најниска.