Русија ќе ги преземе сите можни чекори за да бидат ослободени воените набљудувачи на Органзиацијата за безбедност и соработка во Европа, кои се приведени во украинскиот град Славјанск, изјави денеска рускиот амбасадор во ОБСЕ, Андреј Келин.
– Ние мислиме дека тие луѓе треба да бидат ослободени што е можно побрзо. Русија, како членка на ОБСЕ ќе ги преземе сите расположливи мерки за таа цел, истакна Келин.
Претходно, проруските бунтовници, кои во заложништво држат група меѓународни набљудувачи на ОБСЕ изјавија дека тие се „шпиони на НАТО“ и оти нема да ги ослободат.
– Ние вчера уапсивме некои шпиони на НАТО и тие ќе бидат разменети за наши затвореници. Не гледам друг начин тие да бидат ослободени, изјави лидерот на самопрогласената Доњецка република, Денис Пушилин.
Тој изјавата ја даде пред зградта на украинската служба за безбедност во Славјанск, каде се држат заложниците.
Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лејен вчера изјави дека проруските сепаратисти упасиле 13 членови на тимот на ОБСЕ – набљудувачи, преведувач и возач. Во тимот има четворица Германци од кои тројца се припадници на германската армија.
Вашингтон побара итно ослободување на киднапираниот тим на ОБСЕ, а портпаролката на Стејт департментот Џен Псаки тврди дека „постои силна поврзаност меѓу Русија и сепаратистите“ во источна Украина.