Откако турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган изрази сочуство за ерменските жртви во Отоманската Империја за време на случувањата во 1915 години, Турција сега подготвува и нов гест на добра волја кон Ерменците, објави приватната телевизија Си-Ен-Ен-Турк.
Според телевизијата, Анкара планира да им овозможи право за добивање турско државјанство на потомците на Ерменците протерани од Турција за време на Првата светска војна.
Идејата за доделување турски пасоши и лични карти на потомците на протераните или убиени Ерменци ја иницирало турското Министерство за надворешни работи уште во јануари годинава.
Телевизијата наведува дека во Министерството веќе почнале и подготовки за спроведување на оваа идеја.