Премиера на „Буре барут“ во Прилеп

Од:

Култната претстава „Буре барут“, според текст на  Дејан Дуковски утревечер премиерно ќе биде изведена во Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“.

– Ова е прва премиера сезонава за прилепскиот ансамбл и точно по 20 години од праизведбата на „Буре барут“ во МНТ, сега ќе биде изведена на сцената на прилепскиот театар, рече раководителот на театарот Стојан Дамчески.

Режисерот Наташа Поплавска истакна дека дваесет години е со желба да постави текст на Дејан Дуковски на сцена.

– Дваесет години имам желба да режирам текст на Дејан Дуковски. Не знаев дека точно по 20 години тоа ќе биде „Буре барут“, култната претстава. Според некои податоци текстовите на Дуковски трипати повеќе се поставувани во другите земји отколку во Македонија. За мене инспирацијата е во актерската екипа, енергијата која целосно ја заслужува ансамблот на прилепскиот театар. Секако е и музиката на македонската група „Мизар“ која целосно се вклопува во мојот концепт и видување на „Буре барут“, истакна Поплавска.

Таа додаде дека во претставата има многу симболика.

– Се игра точно по 20 години, на камерна сцена и затоа ќе  има две премиери, утревечер и в сабота. Публика ќе има во точен број – 111 седишта. Овој број се јавува во реплика во претставата, а бројот е и за мене симболика на три почетоци, рече Поплавска.

За актерите на Прилепскиот театар ова е прва соработка со режисерката и нов предизвик. Според раководителот Дамчески годинава е посветена на жените режисери.

– По оваа претстава, веќе наредната недела почнуваат подготовките на „Сонот на летната ноќ“ од Шекспир, во режија на Нела Витошевиќ, а потоа ќе биде претставата „Адам и Ева“ по Мирослав Крлежа, во режија на гостинката од Загреб Ања Максиќ, рече Дамчески.

Во „Буре Барут“ играат Игор Трпче, Марјан Чакмакоски, Виолета Чакарова, Илија Волчески, Димитар Црцороски, Владимир Ѓорѓијоски, Даниела Иваноска, Наташа Наумоска,  Марија Спиркоска-Илијеска, Михајло Миленкоски, Катерина Чакмакоска, Зоран Иваноски, Александар Степанулески и Димитар Ѓорѓиевски. Дизајнот и сцената се на Емил Петро, костимограф е Александар Ношпал, асистент костимограф Андреј Ѓорѓиевски, а музиката е на групата „Мизар“.

Би можело да ве интересира

Љутков: На Велес му го враќаме театарот во неговата вистинска институционална форма

Четворица обвинети за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Горан Наумовски

Театрите и Филхармонија со зголемен број претстави/концерти и посетители во 2023/2024

А1он

Шест години постоење на „Театар Провокација“

А1он

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање