Дајте ни дополнителна сила и енергија победата да биде доволно силна, да не може никој да не условува, ни да ги запира проектите кои се за сите граѓани на Македонија. Да прославиме двојна победа на 27. април, победа на Ѓорге Иванов со над 500.000 гласови и победа на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ со над 62 пратеника во Парламентот, порача вчера на митинг во Куманово претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Тој истакна дека во наредните четири години ќе има силна и интензивна градба на пругата кон Бугарија, проект кој е предвиден во новата програма „Проверено“. Започна, посочи Груевски, да се гради првата фаза на пругата од Куманово до Бељаковце во должина од 30 километри, со изградба и на три железнички станици во Куманово, Шупљи Камен и Бељакоце и изградба на шест стојалишта во Лопате, во Перо Чичо, Проевце, Доброшане, Клешовце и Дорезанце, инвестиција во висина од 40 милиони евра.
– Втората фаза која што е веќе во длабока подготовка е изградба на нова пруга и реконструкција на постојната од Бељаковце до Крива Паланка со градење или доградување на 33 постојни мостови, изградба на 11 нови мостови, 14 тунели, градба на нова пруга во должина од 34 километри, две нови железнички станици на оваа делница во Кратово и Гиновци и три стојалишта во Псача, Шопско Рудари и Крилатица. Инвестициската вредност на оваа втора фаза е 150 милиони евра и таа ќе почне да се гради кон крајот на 2015-та и почетокот на 2016 година, рече Груевски.
Додаде дека третата фаза е меѓу Крива Паланка и самата граница кај местото Деве Баир за која исто така ги почнуваат подготовките и веќе од Европа добиле гранд за изработка на студијата и проектот.
Покрај пругата во новата програма „Проверено“ која се состои од 2046 проекти, како што рече, предвидено е изградба на експресен пат со четири ленти, со можност во иднина да се зголеми за по уште една лента од двете страни, на патот помеѓу Куманово и бугарската граница, на делницата помеѓу Ранковце и Крива Паланка во должина од 22 километри, инвестиција
Во својот говор пред кумановци тој соопшти дека шест странски компании во изминативе три недели објавиле влез во Република Македонија и нагласи дека денеска уште две компании објавиле отворање на нови работни места, од кои едната е македонска.
– Денес уште две компании, обавија нови работни места, една украинска која објави директни 150 нови работни места во Скопје плус 50 индиректни и една македонска компанија која објави 400 нови работни места за луѓе од ИТ бизнисот, софтверите и се друго што е поврзано со информатичка технологија, истакна Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека во завршни преговори се со една друга компанија со која долго работат и се надеваат дека истата ќе објави одлука за еден огромен капацитет во североисточниот дел на Македонија.
– Гарантираме отворање на најмалку 30 нови фабрики во ТИРЗ низ Македонија со најмалку 10 илјади нови вработувања во нив. Меѓу нив и се планира како што кажавме во повеќе наврати отворање на девет нови рудници во Источна и Североисточна Македонија.Еден од нив е и локалитетот за производство на бакар во близина на Старо Нагоричане и Куманово за кој веќе издадовме концесија за детални геолошки истражувања и доколку геолошките истраги се покажат добри за период од две до три години инвестицијата би можела да стигне до 200 милиони долари да отвори до 500 нови работни места, рече Груевски.
Укажа дека планираат исто така инвестициски проекти за наводнување на нови 24 илјади хектари земјоделско земјиште на територијата на цела Македонија, меѓу кои спаѓаат и хидросистемите со кои се наводнува Кумановско поле.
Во своето обраќање тој наброи проекти и во други области – спроведување обуки на македонските лекари во странство, градба на четири училишни спортски сали во Куманово и довршување на повеќенаменското спортско игралиште во рамки на ОУ „11 Октомври“ во Куманово, како и изградба на уште едно во населеното место Пчиња, како и четири тениски терени во Куманово. Во оваа општина исто така се предвидени дисперзирани паралелки на Спортската академија од Скопје, а за сите македонски студенти ќе продолжи стипендирањето доколку се запишат на некои од првите сто универзитети во светот или на првите 200 од техничките науки.
Тој промовираше нова кредитна линија која ќе им помогне на македонските компании и истакна дека со повлекувањето на кредитна линија со субвенционирана камата во сред криза каматите за македонските фирми се намалиле и се уште се не повисоки од 5,5 отсо.
– Ќе имаме уште една кредитна линија од 100 милиони евра за да им помогнеме на македонските приватни фирми не само да не отпуштаат вработени, туку и да вработат нови луѓе кои се невработени во нивните фирми, рече Груевски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека воведен е 0 отсто данок за микро и мали бизниси со приход до 3 милиони денари, а во нивен интерес се пропиша ослободување од оданочување на трговските друштва класифицирани како мали и мико трговци чиј основен приход изнесува до 3 милиони денари.
Ваквото даночно ослободување, посочи Груевски, денес го користат 37.000 фирми во Македонија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на вечерашниот митинг во Куманово јавно го праша претседателот на СДСМ Зоран Заев дали ако изгуби во Струмица на 27-ми април, е подготвен уште вечерта да си поднесе оставка од функцијата градоначалник.
Според Груевски, се поизвесно е дека и на овие избори СДСМ ќе имаат двоен пораз.