Новинарот Зоран Божиновски, кој веќе неколку месеци се наоѓа во притвор во Нови Сад, откако македонските власти побараа негова екстрадиција како еден од осомничените во акцијата „Шпион“, во писмо на 49 страници ги отфрла обвиненијата против него како неаргументирани и непрецизни, а изјавите на сведоците во случајот како празни, промашени, непрецизни и контрадикторни.
Во писмото упатено до истражната судијка Михајлова и македонската јавност, Божиновски, како што наведува, внимателно и аналитично го читал обвинителниот акт и за него претставува комплетно признание на извршната власт за очај и немоќ.
– Во доказниот материјал никаде не пишува за која служба сум шпионирал и колку пари сум наплатил за тие услуги, односно ја нема основната појдовна точка: мој потпис под согласност и испалта кон мене на пари за извршени услуги. Сте напишале глупости од типот „Божиновски имал задача да прибира податоци…“, ама никаде немате наведено точно кога сум примил, на кој начин, од кого, зошто сум примил задачи, како и каде сум ги извршил, и кој и на каков начин ми платил за тоа. Немате фотографии, аудио или видео докази, нема мотив никаде за да шпионирам и уценувам – пишува Божиновски.
Божиновски стравува дека доколку биде испорачан во Македонија, уште на преминот Табановце, како што вели, ќе биде пречекан од „дивите ѕверови на МВР“ и ќе биде испорачан во Шутка.
– Во Шутка ме чека брутално мачење до смрт во најсмрдливата ќелија, со тешки убијци, силеџии и монструми. Затоа овој коментар и оној на српски ги нарекувам тестаментарни! Мене ќе ме ликвидираат, ама пишаново од мене ќе се чита по мојата ликвидација во Шутка, во ваша режија – коментира Божиновски.
Како што пишува новинарот во писмото, српските безбедносни служби во последните 5 години немаат поднесено ниту кривична, ниту прекршочна пријава, со што Божиновски смета дека е чист.
За целото писмо од 49 страници на притворениот новинар, прочитајте на следниот ЛИНК.
Петар Клинчарски