Разузнавачката служба на Турција детектирала сигнал, кој би можел да биде од мобилниот телефон на едно од двете босански девојчиња, кои како што некои веруваат се наоѓаат во Сирија и се борат на страна на исламистичките бунтовници, пренесе „Хуријет“.
Шеснаесетгодишната Самра Кесиновиќ и Сабина Селимовиќ (15), на 10-ти април исчезнаа од нивните домови во Виена, а Интерпол веќе ги прогласи за исчезнати лица.
Нивните родители, велат дека тие отпатувале со авион кој сообраќал од Виена до Адана, во близина на сириската граница и дека во писмата кои што ги нашле по нивното исчезнување пишува дека „тргнале по вистинскиот пат“ и дека заминале да се „борат за исламот во Сирија“.
Меѓутоа како што пишува „Хуријет“ и покрај тоа што неколку веб портали, кои што се поврзани со различни сириски групи тврдат дека девојчињата им се придружиле на џихадистите, сепак многумина веруваат дека нивните фотографии во исламска облека се монтажа.
Со оглед на тоа што родителите веруваат дека нивните ќерки се наоѓаат во Истанбул, турската разузнавачка служба се обидела да регистрира сигнали од нивните мобилни телефони, иако тие наводно се исклучени.
Сепак благодарение на технологијата со која располагаат, разузнавачите успеале да регистрираат сигнал, кој произлегува од еден од нивните апарати.
Едно официјално лице од Турција изјавило дека сигналот доаѓа од една област во северна Сирија, која е под контрола на исламската држава Ирак и Левант, огранокот на Ал Каеда.
-Тие се во рацете на Ал Каеда. Имајќи го во предвид меѓународното внимание, кое го предизвика овој настан, сметаме дека нема долго да ги држат на тоа место- вели официјалното лице од Турција.
Е.Г