Изборот на овие парламентарни избори е помеѓу концептот на ВМРО-ДПМНЕ, кој што значи ветено и остварено, и концепт на СДСМ базиран врз ветено, а никогаш не започнато, базирано на груба манипулација врз сопствениот народ, изјави на денешната прес-конференција Миле Јанакиески од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ нуди програма, која содржи нови 2.046 проекти кои се предложени директно за граѓаните на Република Македонија, а која е реална и остварлива, направена со конкретни рокови за нивна реализација и вклучува бројни инфраструктурни проекти, како и креирање на 64.000 работни места.
Јанакиески се задржа во делот на патната инфраструктура и посочи дека во изминатиот период се реализирани крупни инфраструктурни проекти како во делот на патната, така и во делот на железничката инфраструктура, како изградбата на обиколницата околу Скопје во должина од 26 километри, и на автопатот Табановце-Куманово во должина од девет километри.
– Во наредниот период со точно утврдени рокови во нашата програма стои дека до 2016 година ќе ја завршиме изградбата на автопатот Александар Македонски од Демир Капија до Смоквица во должина од 28 километри, инвестиција од 210 милиони евра. Исто така, ќе завршиме со изградба на автопатот Гоце Делчев од Скопје преку Свети Николе до Штип со должина од од 47 километри, рокот за изградба е 2017 година, а вредноста на инвестицијата е 206 милиони евра. Исто така ќе заврешиме со изградба на автопатот Мајка Тереза, делницата Кичево до Охрид, со должина од 57 километри, инвестиција од 374 милиони евра, градбата ќе заврши во 2018 година. За сите овие автопатишта финансиската конструкција е затворена и точно во програмата е ставено кога истите ќе завршат, рече Јанакиески.
За разлика од ова, додаде тој, во програмата на СДСМ, целокупниот дел за инфраструктура е само една и пол страница, без точно определени рокови, определена сума, и без одредница кога ќе почне и кога ќе заврши.
– Тие имаат еден проект кој вели, автопатот Велес до Битола. Прашањето е како ќе се финансира тој пат, кога ќе започне, кога ќе заврши истиот и од каде ќе бидат обезбедени финансиски средства, рече Јанакиески.
Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, пак, рече, стои дека ќе направат обид за изнаоѓање концесионер за изградба на два автопата, Гостивар – Кичево и Скопје – Блаце. За ова веќе се започнати подготовките и очекуваат, вели, во текот на оваа година да биде распишан повик за изнаоѓање на потенцијален концесионер.
Во наредните четири години, најави дека ќе се гради и автопатот од Требениште до Струга, дел од коридорот 8, во должина од 8,5 километри, со вредност од околу 50 милиони евра, а ќе започне со градба во 2016 година. Покрај тоа, на автопатиштата во Македонија кои веќе се изградени, ќе се направи целосна реконструкција на патот од Велес до Катланово, кој е дел од коридорот Александар Македонски, а која ќе започне оваа година и е во вредност од околу 8 милиони евра, во должина од 23,5 километри.
Ќе се реконструира и дел од Коридорот 10, делницата Смоквица – Гевгелија, во должина од 10,5 километри, со проектирана вредност од 7 милиони евра, како и делниците Неготино до Демир Капија и од Куманово до Миладиновце во вредност од 23 милиони евра. Сите овие делници, како што рече Јанакиески, ќе бидат завршени во 2017 година. Се планира да започне првата фаза од изградба на експресен пат кон Бугарија, а должината на оваа прва делница од Ранковце до Крива Паланка од 22 километри, се очекува да биде околу 70 милиони евра, со рок за реализација од 2016 до 2018 година.
Меѓу инвестициите во патната инфраструктура Јанакиески најави дека ќе следи проширување и реконструкција до ниво на експресен пат на делницата Штип-Кочани во должина од 26 километри, вредност на инвестицијата од 23 милинони евра, а која треба да започне некаде кон крајот на 2017 година, изградба на нов експресен пат со четири ленти од Охрид до Пештани, во должина од 14,5 километри, кој треба да биде завршен до 2018 година, како и експресен пат од Штип до Радовиш во должина од 38 километри, чија градба треба да почне во 2017 година. Вкупно овие два експресни пата вредат 120 милиони евра.
Многу значаен за делот на пелагонискиот регион, рече тој, е изградба на експресен пат во четири ленти од Градско преку Росоман до Прилеп во должина од 28,3 километри, кој ќе се реализира од 2015 до 2019 година, вкупна инвестиција од 70 милиони евра.
– Во нашата програма има точно утврдени рокови, потребни финансиски средства, точно се знае кога патиштата ќе започнат и кога ќе бидат завршени. Ние впрочем за сите досегашни активности дадовме и отчет. Отчетот е базата врз која ВМРО-ДПМНЕ ги нуди идните проекти за граѓаните на Република Македонија. Сакам да повикам, граѓаните да направат разлика да одат на проверено, бидејќи овојпат даваме програма, која е направана на реални финансиски потреби. Програмата во делот на инфраструктурата опфаќа најголем дел во нашата програма. Програмата на СДСМ е неполни две страници. Тоа ја покажува разликата помеѓу концептите што се нудат на овие парламентарни избори, помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, рече Јанакиески.
Тој ги повика граѓаните да одат на проверено, да направат разлика и на денот на изборите да одберат продолжување на развојот и подобрување на инфраструктурата во Република Македонија“.