Шверц на 13 килограми висококвалитетна марихуана завчера е спречен на граничниот премин Табановце. Марихуаната е пронајдена во автомобил „Цитроен Ксара Пикасо“ чија каросерија била свежо бојадисана, китирана и видно изменета што било сомнително за цариниците. Откако го отстраниле китираното место се појавила специјално направена плочка. Зад неа имало бункер со 15 пакетчиња обвиткани со селотејп трака премачкани со црна мрсна материја и наполнети со непозната тревкаста материја за која подоцна е утврдено дека е марихуана.
Под десното совозачко седиште, по отстранување на теписонот и пластичната преграда пронајдени се уште 11 исто такви пакетчиња, обвиткани со селотејп трака премачкани со црна мрсна материја.
Возачот и совозачот биле ангажирани од државјанин на Албанија за 3.000 евра да ја пренесат дрогата преку Македонија, Србија, Унгарија и Австрија до Хамбург.
Марихуаната на западно еврпскиот наркопазар, при продажба на големо има вредност од околу 40.000 евра, а доколку би се продавала на помали количини, цената би била неколкукратно повисока.
Царинската управа на Република Македонија против осомничените поднесе кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.