Во право е ВМРО-ДПМНЕ кога вели дека граѓаните треба да препознаат, па НСДП затоа потсетува на годините на владеење на ВМРО ДПМНЕ за полесно да се препознае лицето на оваа власт, соопшти НСДП.
„МВР во деновите по изборите во 2011 година се обиде да го сокрие убиството на Мартин Нешковски и да го претстави како несреќен случај. Политичкото насилство на власта продолжи со сите кои му се спротивставија. Власта најпрво направи упад во А1 телевизија, го уапси сопственикот Велија Рамковски и членови на неговото семејство, а како казна за излегување од неговата коалиција на Фијат Цановски му го сруши станбениот комплекс Космос. Во 2012 година Владата на Груевски почна попис на населението што чинеше 14 милиони евра и никогаш не го заврши зашто излезе на виделина дека во земјата нема толку население колку што сакаа да прикажат дека има избирачи. Дрскоста на оваа власт кулминираше на 24 декември 2012 кога со специјална полиција Груевски ги исфрли пратениците на опозицијата и новинарите од Собранието на Македонија во стилот на јужноамерикански диктатор. Веднаш по локалните избори во 2013 го уапси претседавачот на советот на општина Центар за да ја блокира работата на Советот. Со апсењето на новинарот Кежаровски Македонија ја претвори во единствена земја во Европа која режимски се справува со слободата на говорот. На економски план во текот на 2014 година изградија подсистем за ограбување на сопствените граѓани. Само за неколку месеци оваа власт која сега ја бара довербата на граѓаните блокира 210.000 трансакциски сметки на граѓани и фирми, а во таа налудничава игра на власта настрадаа неуки и сиромашни луѓе кои драконски беа казнети само затоа што не ги чувале сметките за опомени и казни постари од десет години. Преку извршители ненародната власт на Груевски наплатила 120 милиони евра само за месец и половина од оваа година, додека за глоби и такси македонските граѓани платиле 9 милиони евра“, пишува во соопштението на НСДП.
Ете така, заклучува НСДП, владеат Груевски и неговиот коалициски партнер Ахмети со кого енормно се богатат, а на граѓаните им нудат само преживување и избори со кои си го продолжуваат владеењето.