Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов по повод Христовото Воскресение-Велигден до верниците од католичка вероисповед упати велигденска честитка.
– Браќа и сестри во Христа! Празнувајќи го најголемиот христијански празник, страданието, смртта и воскресението Христово, христијаните се впуштаат во размислување и проживување на најдлабоките тајни на човечкото постоење: Тајната на смртта и тајната на животот. Исус Христос е навистина Бог кој стана човек и кој врз себе ја зеде сета горчина и тегоба на човечкиот живот. Беше неприфатен, прогонуван, бегалец, сиромав. Беше славен, но исто така и наклеветен и осуден и на крајот насилно убиен. Страданието кое го поднесуваше дотолку повеќе беше болно и несфатливо.
Со својата смрт на крстот, на тоа апсурдно страдание, му даде друг назив: да се љуби човекот. Христијанството започна на настанот, кој излегува и ја надминува нашата историја а тоа е Воскресението. Оној истиот Христос кој страдаше и почина сега е жив во вистинското тело но кое не е потчинето на нашите физички закони. На тоа почива верата на христијаните која е нивна сила и вдахновение да го прифатат сето она што Христос го учеше и го правеше. Центар на нашето верување е Бог но кој има човечко лице. Затоа христијанството е свртено кон човекот, учествува во Неговата радост и страдание и се обидува во сите околности од животот да даде позитивен придонес кон вистинските вредности на животот: вистина, правда, љубов и мир. За нас човекот е центар како да се препознае, почитува и да се дојде до Бога.
Божјиот пат кон човекот е Христос а патот на христијаните кон Бога е човекот. Затоа на овој празник е зачната Црквата – Христовото Мистично тело – која ја навестува победата на животот над смртта, доброто над злото, вистината над лагите и ништо друго не ветува освен живот вечен. Во тие мисли на охрабрување дека Бог не го напушта човекот, сакам вашите срца да ги поттикнам во сите тешкотии, прашања и дилеми да го кренете погледот кон Христос, славниот и Воскреснат и еден на друг да станеме брат и сестра за така да си помогнеме да се реализира Евангелскиот живот. Честит празник Воскресение Христово – Христос Воскресе!, вели во велигденската честитка бискупот скопски Киро Стојанов.