Државниот просветен инспекторат се заканува со прекршочни пријави доколку во рок од осум дена не бидат вратени таблите со старите имиња на четирите основни училишта во општина Чаир. Директорот на Инспекторатот Надица Николоска посочи дека нема согласност од Министерството за образование за промена на статутот на училиштата, а со тоа и на имињата на училиштата.
Казните за прекршочните пријави се парични и изнесуваат две илјади евра за правниот субјект, додека од 500 до 800 евра за одговорните лица во правниот субјект.
„Во конкретниот случај нема согласност од МОН за промена на училиштата. Поради тоа, Државниот просветен инспекторат ќе изврши повторен инспекциски надзор и после месец дена може да донесе повторно решение, односно да поднесе прекршочни пријави“, рече Николоска.