Во два одвоени случаи Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР поднесе кривични пријави против пет полициски службеници. Во едниот случај, првпат годинава е поднесена кривичната пријава за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување против двајца полициски службеници И.М. (33) и Ѓ.А. (40) од Штип, на служба во Полициска станица од општа надлежност Штип.
Како што појасни министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на денешната прес-конференција, на 28 јануари годинава во Полициската станица во Штип од граѓанин е пријавено дека во трафика „Лајф пром“ над вработената е извршено разбојништво во обид од страна на непознато маскирано машко лице, кое со употреба на дрвена рачка и нанел повреди по главата и избегал.
– Според описот добиен од оштетената како можен сторител, преземени се мерки за негово пронаоѓање, кога од страна на двајца полициски службеници е пронајден во клубот „Сенатор“, по што го информирале сменоводителот дека одговара на описот на сторителот. Но, по извршените проверки добил инфорамации кои укажуваат дека наведеното лице не е сторител на кривично дело, по што добиле наредба да не се приведува додека не добијат следни инструкции, појасни Јанкулоска. Во меѓувреме, пристигнале двајцата пријавени полициски службеници, посочи, го турнале лицето на земја и го удирале со клоци и со тупаници по телото и по главата. Наскоро, пристигнале со службено полициско комбе уште двајца полицајци, кои забележале дека лицето било алкохолиизирано и имало повреди, расекотини на десната рака, и како го омаловажувал првопријавениот полициски службеник И.М. По консултации со сменоводителот, било одлучено тој да биде спроведен во ПС Штип.
– Откако го внеле во полициското комбе, при вршење на преглед, првопријавениот полициски службеник, повторно физички го нападнал со тупаници во пределот на телото. По приведувањето, кај оштетениот се забележани видливи повреди, по што е повикана и Итна медицинска помош, а од страна на лекар се констатирани телесни повреди, рече Јанкулоска.
Од страна на СВКПС по извршените проверки е утврдено дека постои основано сомнение дека полициските службеници, во наведениот случај неосновано употребиле физичка сила поради што против истите е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“. Изречена е и задолжителна мерка до началникот на СВР-Штип, против полициските службеници, да поднесе предлог за утврдување дисциплинска одговорност пред надлежната Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност.
Во вториот случај, СВКПС стандарди поднесе кривична пријава против тројца полициски службеници, С.С. (34), И.С. (36) и Д.Г. (46) вработени во Полициската станица за Гранична контрола Деве Баир поради постоење основано сомнение дека во текот на 2013 и 2014 година со пропуштање на должен надзор и не вршење на целосни проверки, овозможиле на бугарска државјанка, која го искористила и пречекорила дозволениот престој во Македонија, непречено да остварува влез и излез од државата. Со тоа, нагласи министерката, сториле кривично дело „несовесно работење во службата“. Полицајците изјавиле дека некогаш заради голема фреквенција на преминот не се во можност да извршат проверки на секој странски државјанин кој повеќе пати евидира во системот. Покрај кривичната пријава, изречена е задолжителна мерка непосредниот раководител, против полициските службеници да поднесе предлог за утврдување на дисциплинска одговорност пред надлежната Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност.
Јанкулоска информира дека во текот на првите три месеци од годинава, СВКПС преземаше мерки за проверка на 399 случаи на посочени пречекорувања на овластувања и злоупотреби на службената положба и овластување на службени лица.
– Од 399 случаи за кои се вршени проверки, 315 се предмети кои се постапувани врз основа на добиени претставки од граѓански и правни лица во кои се посочени неправилности извршени од страна на вработени во МВР, а останатите се по добиени известувања, сознанија и друго, нагласи Јанкулоска.
Таа додаде оти против 58 службени лица поведена е постапка за утврдување на одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина. Против 8 вработени е изречена задолжителна мерка непосредниот раководител да поднесе предлог до министерот за внатрешни работи за донесување Решение без водење посебна постапка пред Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност. Против 48 лица е изречена мерка-укажување, додека против 6 вработени е изречена мерка покренување постапка за надомест на штета-материјална одговорност, а поднесени се и 4 кривични пријави против 5 вработени во МВР за сторени 5 кривични дела, од кои три кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и по едно кривично дело „несовесно работење во службата“ и „фалсификување службена исправа“.
СВКПС изврши и 26 контроли во различни организациски единици во 8-те Сектори за внатрешни работи во врска со почитувањето на Законот за внатрешни работи во кој се утврдува „забрана за основање, раководење и членување во раководство на политичка партија и истакнување на партиски симболи“. Освен тоа спроведени се контроли и на постапувањето на полициските службеници при обезбедувањето на 12 предизборни митинзи.
– Во ниедна од извршените контроли поврзани со изборите не е утврдено никакво прекршување на правилата и прописите, истакна министерката Гордана Јанкулоска.