Серијата помеѓу Мајами и Индијана по првите две средби ветува дека ќе биде доста поинтересна од она што првично се предвидуваше.
Пејсерси на првиот натпревар добро се држеа во првите три четвртини, пред да паднат во последната и Мајами да поведе со 1-0. Сепак, во втората средба тимот на Френк
Вогел не ја повтори истата грешка и по крајно неизвесна завршница дојде до победата од 78:75 за 1-1 во полуфиналето на Истокот.
Леброн Џејмс со 28 и Двејн Вејд со 24 поени беа најефикасни кај домашниот тим, за кој поради повреда не настапи Крис Бош. Но, и двајцата не реализираа во ситуации кога во финишот Мајами беше во минус од еден, односно од два поени.
На крајот, остана на Марио Чалмерс да се обиде со тројка во последната секунда да му донесе продолжение на Мајами, обид кој заврши неуспешно, а по кој плејот на Хит тврдеше дека бил фаулиран.
Дејвид Вест со 16 поени и десет скокови и Џорџ Хил со 15 поени беа најефикасни кај Пејсерси, кои некако ја сочуваа својата предност во последната минута за голема победа пред следните две средби од серијата, кои тие ги играат на свој терен.
Многу полесно до победата дојдоа играчите на Сан Антонио, кои отворањето на серијата со Клиперси го завршија со триумф од 108:92 на домашен терен.
Тимот на Грег Попович по осумте дена пауза која ја имаше по елиминацијата на Јута со 4-0 дојде до својата 15-та победа во низа, сметајќи ја и регуларната сезона.
Тим Данкан со 26 поени и десет скокови ги предводеше Спарси кои не знаат за пораз повеќе од месец дена. Ману Џинобили го следеше Данкан со своите 22 поени од клупата, а Каваи Леонард додаде 16 поени. Тони Паркер имаше лоша поентерска вечер, завршувајќи ја средбата со седум поени, но успеа да подели 11 асистенции.
Кај Клиперси, во нивниот шести натпревар во последните 11 дена, најефикасен беше Ерик Бледсо од клупата со своите 23 поени, следен од Карон Батлер и Блејк Грифин, кои постигнаа по 15 поени. Крис Пол беше задржан на шест поени и 10 асистенции.