„СДСМ неодамна на партиски митинг го промовираше својот кандидат за градоначалник на Велес за престојните локални избори 2013. Со повторната кандидатура на Аце Коцевски за градоначалник на Велес, СДСМ покажа две работи:
– СДСМ има недостиг на кадри во своите редови и кандидира веќе истрошен политичар.
– СДСМ нема слух за народот кој веќе еднаш, на последните локални избори го казни неодговорното работење на Коцевски„, рече на прес конференција Славчо Чадиев, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Велес.
Според него, Аце Коцевски е политичар кој имал можност, како никој друг, да го даде својот придонес за подобар Велес.
„Во поголемиот период од самостојноста на Македонија, тој е носител на политички функции. Речиси во текот на целата негова кариера беше пратеник во Собранието на Р.М., потоа советник во Министерството за одбрана, а потоа цели два мандати, во период од 9 години градоначалник на Велес. Ниту еден актуелен политичар немал толку можности да го подобри животот на велешани, да го направи Велес подобро место за живот“, рече Чадиев.
Тој кажа дека на Велес не му е потребен Аце Коцевски затоа што не постоел ниту еден посериозен проект на Коцевски.
„Наместо по проекти и по решавања на проблемите, Коцевски остана запаметен по лажните ветувања, ароганцијата, нетранспарентното и неодговорно работење.
Предизборно Коцевски ветуваше дека ќе донесе 90 милиони евра странски инвестиции во Велес, ветуваше продажба на Колска на Француски Лор, па потоа откако ја доби власта да тврди дека тоа не е негова надлежност.
Уште еден пример за манипулацијата со граѓаните е проблемот со свлечиштето Рамина, кој исто така ветуваше дека ќе го реши, а потоа тврдеше дека не е негова надлежност“, рече Чадиев.