Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази незадоволство од поддршката што неговата земја ја добива од САД, критикувајќи го Вашингтон дека не врши доволно силен притисок врз Русија во мировните преговори. Во интервју за Би-Би-Си, тој ги критикуваше и доцнењето на испораките на оружје и односот на американскиот претседател Доналд Трамп кон рускиот претседател Владимир Путин.
Зеленски ја коментираше објавата на Трамп на социјалната мрежа Truth Social, во која американскиот претседател сподели заедничка фотографија со Путин со опис „мојот пријател“.
Украинскиот претседател ја оцени објавата како чудна.
„Се разбира, тоа е одлука на претседателот на САД, но… чудно е. Тој е агресор и убиец, не може да биде пријател. Тоа е едноставно невозможно“, рече Зеленски.
Тој направи споредба со Втората светска војна.
„Тоа е како некој за време на Втората светска војна да кажел нешто слично за Хитлер“, изјави украинскиот претседател.
Ваквата отворена критика кон Вашингтон е невообичаена за Зеленски, кој досега главно внимателно настапуваше кон американската администрација, особено по минатогодишната средба со Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс во Белата куќа.
Зеленски ја критикуваше и улогата на САД во мировните преговори меѓу Русија и Украина. Според него, пратениците на Трамп понекогаш се поблиску до руските позиции отколку до ставовите на Киев.
„Кога се обидувате да бидете целосно неутрални кон агресорот, всушност ги поддржувате и жртвата и агресорот. Тоа не е исправно“, рече Зеленски за Би-Би-Си, додавајќи дека Вашингтон мора да изврши посилен притисок врз Москва.
Украина и натаму се соочува со тешкотии во одбраната од руските воздушни напади. Зеленски предупреди дека има многу голем недостиг од ракети за пресретнување балистички проектили и изрази незадоволство од доцнењето на испораките на американските противвоздушни системи „Патриот“.
„Штета е што се фокусираа на Блискиот Исток, каде што помагаат повеќе. Имаме сериозни прашања во врска со тоа. Поради недостигот од овие ракети гинат луѓе“, изјави тој.
Зеленски потврди и дека сателитскиот систем „Старлинк“, како и неговата воена верзија „Старшилд“, и натаму имаат ограничена достапност на териториите под руска окупација.
На прашањето кој е одговорен за тоа, одговори дека од техничка страна одговорноста е на компанијата „СпејсИкс“, додека за политичката одговорност не знае.
„Тоа е како партија пинг-понг. Ја прашуваме едната страна, а тие велат дека одговорноста е на другата“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател ги оправда и неодамнешните напади врз руски цели. Воениот брод што беше потопен оваа недела во близина на либискиот брег го нарече „целосно легитимна мета“, додавајќи дека Украина ваквите операции секогаш ги спроведува во координација со сојузниците.
Во меѓувреме, Украина се подготвува за тешка зима. Руските напади врз Киев стануваат сè посилни, а во последно време мета се и мостовите преку реката Днепар.
Поради прекините на електричната енергија и нападите врз снабдувачките и транспортните правци, дел од жителите веќе го напуштија градот.
„Русија, се разбира, сака да избегаме. Но, ќе го браниме нашиот главен град на сите можни начини. Без главен град нема ниту држава“, порача Зеленски.
