Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски не може да се смета за единствен виновник за сè што се случува во Украина. Тој зборуваше за својот однос со украинскиот претседател во интервју за француското списание „Ле Поан“ (Le Point), пренесува белоруската државна новинска агенција „Белта“.
„Тој е млад политичар кој направи многу грешки. Не е само тој виновен за сè. Тој има ’демократија‘ која доведе до војна. Нема доволно авторитет, каков што би требало да има еден шеф на држава“, рече Лукашенко за Зеленски.
Белорускиот претседател смета дека Украинците требало да изберат друг претседател.
„Требало да изберат искусен човек. Виновен е украинскиот народ, тие избраа неискусен лидер“, тврди тој.
Лукашенко потсети дека и самиот бил избран за претседател на Белорусија на релативно млада возраст. Сепак, тој истакна дека пред изборите работел во различни области, раководел со работни колективи и бил пратеник во парламентот.
„Имав среќа, Бог ме заштити од погрешни потези, а покрај тоа, веќе имав искуство во работи што ѝ беа потребни на Белорусија“, рече тој.
„Зеленски не беше подготвен да стане претседател. Се сретнав и разговарав со него во 2019 година. Тој е пристоен човек, добра личност. Остави добар впечаток кај мене. Се однесував кон него речиси како кон син“, додаде Лукашенко.
Белорускиот претседател се присети како, на почетокот на војната, на барање и со помош на неговиот најмлад син Николај, му се јавил на Зеленски.
„Тој викаше дека тие први нападнале. Му реков: ’Володја, слушај ме, подоцна ќе ги утврдиме причините, сега мораме да го запреме ова. На крајот, народот ќе те смета тебе за одговорен и ќе рече дека не си успеал да ја запреш војната, дека на твоја територија беснее војна. Таа мора да се запре‘“, изјави Лукашенко.
„Како шефови на држави и политичари, не смееме да размислуваме само за тоа кој кого нападнал. Требало да размислуваат како да ја запрат војната, откако веќе не успеале да ја спречат“, тврди белорускиот претседател.
„Искрено кажано, Порошенко е повеќе виновен за ова отколку Зеленски. Зеленски го наследи сето тоа, додека Порошенко не го исполни она што беше договорено во Минск. Одлучија да ја измамат Русија, а заедно со неа – и нас“, рече Лукашенко.
„За да се стави крај на војната и да се спречи смртта на луѓето, јас, како претседател, би бил подготвен да направам сè што е потребно. Подоцна, вие новинарите, како и историјата, ќе нè судите и осудувате. Но, сега војната мора да се запре за да не гинат луѓе“, нагласи тој.
Додаде дека и американскиот претседател Доналд Трамп, потпретседателот Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио укажуваат на истото.
Лукашенко смета дека Зеленски денес има многу поголемо искуство, но дека тоа не е доволно за да се стави крај на војната.
„Потребно е да имате одредено ниво на автономија и независност. Вие денес управувате со Зеленски“, рече Лукашенко, обраќајќи им се на европските земји, вклучително и на Франција.
„Според мене, вие не сакате да ја запрете оваа војна ниту да спречите ескалација. Тоа е најголемата опасност за Европејците, но и за нас. Ескалацијата е катастрофа“, предупреди тој.
