Сведок за пожарот во „Пулс“: Жариштето беше кај задната врата, а противпожарни апарати сум видела само во билетарата

Од:

– Жариштето на пожарот во дискотеката “Пулс” во Кочани било кај задната врата, поради што сите во паника тргнале кон главниот влез каде настанало стампедо, изјави хонорарно вработена, што критичната вечер на 16 март била на смена како шанкерка.

Сведокот Анастасија Соколова, предложена од одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов Деко, денеска во судницата во затворот „Идризово“ при Основниот кривичен суд Скопје, рече дека противпожарни апарати во дискотеката „Пулс“ забележала само во билетарата.

Одговарајќи на прашања од одбраната на Деко, Соколова рече дека има хонорарно работено во Пулс за викенди во периодот од 2022 до 2025 година и критичната вечер на 16 март работела на шанк, на дневница, а одговорен за работата бил Деко, кој им давал налози и работни задачи.

-Никој друг не ни даваше задачи освен Деко, изјави сведокот.

Посочи дека дискотеката била реновирана во 2024 година, по што биле тргнати терасите над шанкот и биле поставени сепареа лево и десно од бината.

Во однос на противпожарната заштита, таа рече дека забележала противпожарни апарати само во билетарата, но не се сеќава дека видела на друго место во дискотеката.

-Имам забележано противпожарни апарати во билетарата. На друго место не се сеќавам дека имам видено – изјави сведокот.
​
Според сведокот и претходно во дискотеката имало употреба на пиротехника, но никогаш со јачина како таа вечер.

-Додека работев само ја забележав многу силната светлина од пиротехниката. Никогаш претходно не сум видела таква светлина, наведе Соколова.

Прашана дали видела пиротехничари ангажирани од Деко, одговори дека само слушнала од колеги, но, таа самата не видела.
​
Пожарот, според нејзиното сведочење, избувнал околу 2:20 часот, откако членот на групата ДНК, Владимир Блажев – Панчо повикал да излезат. Таа и нејзината колешка Марија биле на левиот шанк и во паника се задржале таму околу десет минути.

Прашана зошто се упатиле кон влезот, а не излегле од задната врата до шанкот, таа рече дека не видела никој да се упати натаму и дека таму било жариштето на пожарот.

-Бевме на левиот шанк. Од нашата страна и таму каде што се наоѓа таа врата беше жариште не пожарот и сите се упативме на другата страна. Таа врата претходно ја имам видено отворена само за проветрување на просториите, не знам дали таа вечер била отворена, изјави сведокот.

Таа опиша дека при обидот да излезат веќе било настанато стампедо во кое изгубила свест. Кога се освестила, се наоѓала непосредно пред излезната врата, но не можела да се движи бидејќи на земја имало група мажи кои не реагирале на нејзините повици да помине. По излегувањето, околу 3:10 часот му се јавила на татко ѝ, додека внатре сè уште имало заглавени луѓе.

Додаде дека не видела полиција, туку само слушнала од гостите дека полициски службеници влегле внатре.

Јавниот обвинител Борче Јанев се повика на разлика во нејзиниот исказ даден претходно на распит во ОЈО Кочани, каде изјавила дека не ѝ е познато дали дискотеката има друга врата или излез за евакуација, туку дека знае само за една влезна врата. На барање на Судот да го објасни ова, сведокот појасни дека никогаш не влегувала низ таа врата.

-Ја имам видено додека сме правеле подготовки за работа. Знаев дека ја има вратата, но не сум ја видела да се користи за влез на гости, рече Соколова.

За денешното рочиште одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов имаше предложено вкупно седум сведоци, од кои само двајца беа присутни, Анастасија и Бојан Спасовски.

Од останатите, одбраната на Јованов повлече двајца сведоци, за еден има проблем со адресата, а двајца од повиканите за денеска не се во земјава и најавиле дека ќе можат да присуствуваат кон крајот на декември и јануари.

Остануваат уште 11 сведоци предложени од одбраната на првообвинетиот. Двајца – Стојан Ампов и Марија Јованова ќе бидат обезбедени од одбраната за следното рочиште, а на останатите Судот ќе им испрати покани.

​Случајот се наоѓа во доказна постапка и продолжува на 11 ноември со изведување докази на одбраната, која има најавено повеќе од 240 сведоци.

Судењето почна на 19 ноември 2025 година, кога осум месеци по трагедијата на обвинителна клупа седнаа 35 обвинети физички и три правни лица. Во меѓувреме, еден од обвинетите, Љупчо Грнчиштанов почина.

Случајот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

Би можело да ве интересира

Сослушани само двајца од седум повикани сведоци за „Пулс“, родителите револтирани од динамиката на судењето и нерелевантните искази

Со сведоци на одбраната продолжува судењето за пожарот во „Пулс“

Ќерката на Јованов за „Пулс“: Имаше панични светла и противпожарни апарати, сите ја користеа задната врата

Со сведочење на ќерката на првообвинетиот Дејан Јованов продолжува судењето за пожарот во „Пулс“

Сведок тврди: Обвинетите полицајци од Пробиштип биле испратени во Кочани без да знаат дека ќе вршат контрола во дискотеката „Пулс“

Марковски: Вештачењето нарачано од одбраната на Јованов е селективно и со сериозни методолошки пропусти