Кинески државен службеник е осуден на смрт поради оддавање државни тајни на странска земја, објави денеска на социјалните мрежи профил поврзан со кинеската влада.
Идентитетот на осудениот функционер не е откриен; познато е само неговото презиме – Ма.
Според објавата на профилот „Баомигуан“ (Baomiguan), кој е под контрола на кинеската Национална управа за заштита на државните тајни, Ма работел на административни позиции во централната влада, а бил регрутиран од странска разузнавачка служба додека престојувал во странство.
По враќањето во Кина, Ма, по налог на лицето што го регрутирало, наводно испратил повеќе од 100 разузнавачки извештаи, од кои 35 подоцна биле класифицирани како државни тајни.
Според кинеските власти, шпионските активности траеле подолг временски период, а Ма за тоа добил повеќе од еден милион јуани (137.500 евра). Случајот беше пренесен од бројни кинески државни медиуми, а утрово стана и најпопуларна тема на кинеската социјална мрежа „Веибо“ (Weibo).
Кинеската Национална управа за заштита на државните тајни и Министерството за државна безбедност (МСС) – главната кинеска агенција за разузнавање и контраразузнавање – во последните години сè почесто ги користат социјалните мрежи за да ги предупредат владините службеници за опасностите од регрутирање и шпионажа.
Еден истакнат профил, управуван од Министерството за државна безбедност (МСС) – институција која инаку е позната по тоа што е затворена за јавноста – редовно објавува слични, анонимни случаи на државни службеници обвинети за шпионажа во корист на странски држави.
Многу од овие случаи завршуваат со затворски казни, додека во помал број случаи се изрекува смртна казна. Објавите обично брзо се шират на интернет и добиваат дополнително внимание благодарение на известувањето од државните медиуми.
Според објавениот извештај, неименуван суд го осудил лицето по презиме Ма на смртна казна и наредил конфискација на целиот негов личен имот. Кинеските власти не го открија името на институцијата каде што бил вработен Ма, ниту идентитетот на странската разузнавачка служба за која наводно работел. Не е познато колку долго траеле неговите шпионски активности, кога бил уапсен и осуден, како и дали смртната казна е веќе извршена.
