Копретседателот на десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD), Тино Крупала, побара од Германија да заминат до 2,6 милиони луѓе, меѓу кои Украинци, Сиријци и Авганистанци, доколку престанат да важат причините поради кои им била одобрена заштита.
Крупала ова го изјави во подкастот „Unter Zwei“ на германскиот весник „Билд“. Покрај лицата за кои постојат правосилни решенија за напуштање на земјата и странците кои извршиле кривични дела, тој ги спомена и државјаните на Сирија, Авганистан и Украина, во случај да престанат да постојат причините поради кои им била одобрена заштита.
Како можни причини за таков развој на настаните ги наведе промените во нивните матични земји, како што се завршувањето на војната во Украина или подобрувањето на безбедносната состојба во Сирија и Авганистан.
„И тука зборуваме за 2,6 милиони луѓе“, рече Крупала.
Даниел Тим, професор на Универзитетот во Констанц и експерт за миграциско право, изјави за „Билд“ дека Крупала создава погрешна претстава за можностите за депортација.
„Крупала создава впечаток дека милиони Украинци, Сиријци и Авганистанци можат брзо и по автоматизам да бидат депортирани. Тоа не е точно. Статусот на заштита на секое лице мора да се преиспита поединечно“, рече Тим.
