Британскиот весник „Фајненшл тајмс“ објави дека поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, лично вршел притисок врз државните функционери за да ги отстранат правните пречки за изградба на хотелот на Доналд Трамп во центарот на Белград.
Весникот се повикува на документи и сведочења до кои имал пристап, а кои, како што наведува, откриваат до каде бил подготвен да оди Вучиќ за да се реализира инвестицискиот проект зад кој стоеше Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател.
Планот за уривање и повторна изградба на бомбардираниот комплекс на Генералштабот во Белград предизвика студентски протести, кои беа насочени и против сè поавторитарното владеење на Вучиќ. Според „Фајненшл тајмс“, случајот придонел и за неговиот изборен пораз минатиот месец.
Весникот наведува дека имал увид во досега необјавениот целосен инвестициски договор, како и во исказот на клучен сведок, од кои произлегува дека државните функционери постапувале под директен притисок од Вучиќ за да се отстранат правните пречки за реализација на проектот, вклучително и заштитениот статус на локацијата.
Поранешната директорка на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, Дубравка Ѓукановиќ, за весникот изјавила дека Вучиќ лично ја навредувал, нарекувајќи ги неа и нејзините колеги „неуки“, и им наредил да преземат одговорност и да ги отстранат пречките за проектот.
Таа оценила дека целата ситуација била непријатна, особено сознанието дека претседателот или не бил запознаен со законските процедури или не бил заинтересиран за нив.
Според нејзиното сведочење, Вучиќ и тогашниот министер за финансии, Синиша Мали, во текот на повеќе од една година одржувале состаноци со функционерите задолжени за заштита на културното наследство, вршејќи притисок да се укине заштитениот статус на локацијата.
На еден од состаноците, како што наведува Ѓукановиќ во сведочењето, на присутните им било соопштено дека имаат само две можности – да ја започнат постапката за укинување на заштитата или да поднесат оставка. Мали подоцна го повторил ултиматумот, по што Ѓукановиќ и уште еден нејзин колега си поднеле оставки.
Српската напредна партија во ноември 2025 година протурка посебен закон со кој беше укината заштитата на комплексот Генералштаб, што предизвика нов бран протести.
Министерот за култура Никола Селаковиќ беше обвинет за злоупотреба на службената положба, додека обвинителството поднесе обвинение против Горан Васиќ, наследникот на Ѓукановиќ, поради сомневања за фалсификување документи со кои требало да се оправда укинувањето на заштитата на културното наследство.
Кушнер се повлече од проектот по отворањето на двата случаи, пишува „Фајненшл тајмс“.
Србија во понеделникот официјално го раскина инвестицискиот договор со американската компанија „Атлантик Инкубејшн Партнерс“, зад која стоеше Кушнер, а која се повлече од проектот кон крајот на минатата година.
Комплексот Генералштаб, завршен во 1965 година, претставува значаен пример на југословенската модернистичка архитектура. Зградата беше делумно уништена во бомбардирањето на НАТО во 1999 година и со текот на годините стана симбол на отпорот кон Западот.
Во текстот се потсетува и на средбата на специјалниот пратеник на Трамп, Ричард Гренел, со Вучиќ во 2020 година, кога било нагласено дека проектот мора да се развива во согласност со посебниот статус на локацијата како културно наследство.
Проектот доби нов замав по средбата на Кушнер и Вучиќ на маргините на Светскиот економски форум во Давос во 2023 година.
„Скандалот со Генералштабот го засили вниманието кон соработниците на Трамп кои склучуваат зделки врз основа на политички врски низ Балканот, од енергетски проекти во Босна до контроверзни градежни зафати на албанското крајбрежје“, оценува весникот.
Сепак, според „Фајненшл тајмс“, Србија нуди особено впечатливи докази за политичко влијание во корист на инвеститори поврзани со семејството на Трамп.
Весникот наведува и дека изборниот пораз на Вучиќ на предвремените парламентарни избори на 25 октомври го забрзал распаѓањето на неговата политичка мрежа. Во меѓувреме, властите ја затвориле Алта банка, поврзана со режимот, го уапсиле нејзиниот сопственик, како и полициски функционери лојални на Вучиќ.
Вучиќ негирал дека вршел притисок врз државните функционери за реализација на проектот. Тој не негирал дека работел на негово промовирање, наведувајќи дека е нормално претседателот да постапува на таков начин.
„Фајненшл тајмс“ потсетува дека и британскиот весник „Гардијан“ во октомври објави дека Вучиќ лично интервенирал за да ги придвижи плановите за изградба на контроверзниот хотел на Трамп на локацијата на Генералштабот во Белград. Во текстот, „Гардијан“ ја опиша улогата на српскиот претседател како тајна интервенција во обидите за реализација на проектот и покрај правните пречки.
