Бројот на деца убиени или повредени во војната во Украина оваа година е опасно блиску до нивото од 2022 година – првата и најсмртоносна година од конфликтот.
Според податоците на УНИЦЕФ, агенцијата на ОН за деца, бројот на жртви во 2024 година веќе го надмина оној од минатата година, пренесува Ројтерс.
Зголемувањето на бројот на жртви се должи на засилените руски напади. Обединетите нации наведуваат дека оружјето со долг дострел е главната причина за цивилните жртви.
Русија, од друга страна, постојано негира дека намерно гаѓа цивилни цели во Украина.
Од УНИЦЕФ соопштија дека во првите десет месеци од оваа година, најмалку 1.144 деца се убиени или повредени во Украина. Оваа бројка е многу блиску до вкупниот број од 1.386 деца жртви, кои беа евидентирани во текот на 2022 година.
Според Луиз Вотериџ од УНИЦЕФ, до крајот на октомври загинаа 114 деца, а 1.030 се повредени.
Обединетите нации потврдија околу 270 напади врз образовни установи оваа година. Еден пример е градинка во киевскиот кварт Соломјански, која на 7 ноември беше погодена по вторпат.
