Само седум од 42 работни места пополнети во ИТ секторот на Фондот за здравство, утврди ДЗР

Од:

Државниот завод за ревизија (ДЗР) изврши ревизија на информациските системи во Фондот за здравствено осигурување на тема „Имплементација на безбедносни мерки и контроли во ИТ системот на Фонд за здравствено осигурување”. Со ревизијата, како што соопшти ДЗР, се утврдени слабости во повеќе области значајни за информациската безбедност, особено во стратешкото и оперативното управување со ИТ, управувањето со безбедносните ризици, човечките капацитети, одржувањето и надградбата на ИТ ресурсите, управувањето со пристапите и автентикацијата, како и обезбедувањето континуитет на работењето.

Информацискиот систем на Фондот има значајна улога во целокупното функционирање на здравственото осигурување. Со ревизијата е утврдено дека е потребно дополнително унапредување на стратешкото управување со информациската безбедност, проценката и управувањето со ризиците, политиките и процедурите, човечките капацитети и техничките ресурси, со цел да се обезбеди зголемено ниво на заштита на информациите и ИТ системите. Со ревизијата се утврдени и ограничени човечки капацитети во Секторот за информатика. Во периодот опфатен со ревизијата (од 2023 година до 2025 година), од вкупно 42 систематизирани работни места биле пополнети само седум, односно 16,67 отсто, а не е пополнета работната позиција „Офицер за сигурност на информациониот систем“, која има значајна улога во управувањето со безбедносните политики, мониторингот на системите, заштитата на базите на податоци и координацијата на безбедносните активности, информираат од ДЗР.

Ревизијата утврди и дека, иако во јули 2023 година 556 од вкупно 830 вработени ја завршиле основната онлајн обука за сајбер безбедност, во понатамошниот период не се спроведувале други континуирани обуки и активности за информациска безбедност, ниту, пак, биле реализирани симулации со лажни фишинг пораки за
проверка на подготвеноста на вработените да препознаат сајбер напади. Слабости се утврдени и во обезбедувањето континуирана поддршка и одржување на ИТ системот. Анализата на осум клучни договори за ИТ услуги за периодот 2023–2025 година покажала дека во одредени периоди постоеле временски празнини во покриеноста со договори, односно периоди без обезбедени услуги за одржување и поддршка. Утврдено е и дека до завршувањето на ревизијата не било спроведено пенетрационо тестирање на целиот информациски систем, со кое би се овозможило навремено идентификување на потенцијални слабости во неговата заштита.

Во делот на заштитата и обновувањето на податоците, Фондот има набавено и имплементирано систем за заштита на податоците и резервни копии, со можност за нивно чување и обновување. Утврдивме дека Фондот нема ажурирана и одобрена политика за поврат на податоците од резервните копии, а не е спроведено ниту
тестирање на обновувањето на податоците. Фондот има воспоставено секундарна локација за обезбедување континуитет на функционирањето во случај на прекин на примарниот ИТ систем. Утврдивме дека е потребно дополнително унапредување на плановите и процедурите за континуитет на работењето и обновување по инциденти, како и нивно соодветно тестирање.

Исто така е утврдена и потребата информациската безбедност да се третира како континуиран процес на управување со ризици, кој опфаќа планирање, превентивни мерки, редовно одржување и унапредување на системите, развој на човечките капацитети и подготвеност за постапување во случај на инциденти. Врз основа на утврдените состојби, дадени се препораки насочени кон отстранување на причините за утврдените слабости и потенцијални ризици и кон подобрување на ИТ безбедносните мерки и контроли во Фондот. Со нивното спроведување се очекува да се придонесе кон поголема сигурност и отпорност на ИТ системите, подобра заштита на информациите и непречено обезбедување на услугите од здравственото осигурување.

Вршителот на должност директор на Фондот на 26 октомври достави до Државниот завод за ревизија „Акциски план на ФЗО за постапување по наодите и препораките од Конечниот извештај за извршената ревизија за 2024г“ заведен под број 02-20186/1 од 21.10.2026, со кој детално се наведуваат активностите кои ќе бидат преземени за надминување на утврдените состојби и имплементирање на дадените препораки, одговорните лица како и периодот на имплементирање, стои во соопштението од ДЗР.

Би можело да ве интересира

ДЗР: Од 62 локомотиви на „Железници“ во функција се само девет, вкупните загуби достигнаа 6,75 милијарди денари

ДЗР откри сериозни неправилности во Општина Кичево: Непланирани инвестиции и милионски ризици

Фотоволтаици се граделе без клучен план, институциите не координирале – откри ДЗР

Горан Наумовски

2,3 милиони евра без евиденција, лабораторија за нафта без анализа: ДЗР го „скенираше“ Бирото за метрологија

ДЗР: Недоволна контрола довела до неправилни исплати од социјалната заштита

Горан Наумовски

ДЗР констатира сериозни пропусти во финансиското и административното работење на Албанскиот театар