Фудбалерот од средниот ред, Шпанецот Хуан Мата, денес објави дека ја завршува својата играчка кариера.
„Фудбалот никогаш нема да исчезне од мојот живот. Постојат толку многу начини да продолжам да ја сакам оваа игра, толку многу начини да ја користам како алатка за развој. Можеби престанувам да играм професионално, но никогаш нема да престанам да бидам фудбалер“, изјави 38-годишниот Мата, пренесува Би-Би-Си (BBC).
Мата, одигра 41 натпревар за Шпанија, беше дел од националниот тим што го освои Светското првенство во 2010 година, како и Европското првенство две години подоцна.
Овој поранешен играч од младинскиот погон на Реал Мадрид премина во Валенсија во 2007 година, а потоа, во август 2011 година, потпиша за Челси, со кој ги освои Лигата на шампионите, Лига Европа и ФА Купот.
Во јануари 2014 година, Мата му се приклучи на Манчестер Јунајтед и му помогна на клубот да ги освои Лига Европа, ФА Купот и Лига Купот, пред да си замине од клубот во 2022 година.
Потоа, тој настапуваше за турскиот Галатасарај и јапонскиот Висел Кобе, а подоцна играше и за австралиските клубови Вестерн Сиднеј Вондерерс и Мелбурн Виктори.
