Форензичкиот експерт Мајкл Фримен тврди дека осудениот сексуален престапник Џефри Епстин не извршил самоубиство во затворот, туку бил убиен. Професорот во разговор за Би-Би-Си изјави дека, по прегледот на документацијата од канцеларијата на њујоршкиот судски патолог, е убеден дека Епстин бил задавен, најверојатно одзади.
Официјалниот заклучок од 2019 година е дека Епстин самиот си го одзел животот.
“So you are saying that Epstein was killed by another person?”
Michael Freeman, a prominent expert in forensic medicine, speaks to #Newsnight about his claims that Jeffrey Epstein’s death was a “result of a homicide”.
Warning: Distressing details of death and injury and discussion of suicide
— BBC Newsnight (@BBCNewsnight) November 16, 2026
Фримен ги темели своите заклучоци на документите и фотографиите од извештајот на судскиот патолог, кои му ги отстапил братот на Епстин, Марк. Тој од почетокот тврди дека неговиот брат бил убиен.
Фримен нагласува дека анализата е независна, дека не му било платено за неа и дека сè уште не поминала низ научна рецензија.
За Би-Би-Си изјави дека смета оти постојат знаци дека Епстин бил нападнат. Како примери ги посочил длабокото крвавење во левото рамо и повредите на лицето, кои, според него, изгледаат како последица на удари.
Експертот смета дека доказите најмногу упатуваат на давење со некаков предмет, кој потоа најверојатно бил искористен за обесување на телото на креветот на спрат. Тој додава дека над трагата од давење на вратот на Епстин се видливи и траги од нокти.
Според него, тоа би одговарало на давење, особено одзади, и обид на жртвата да ја отстрани јамката од вратот.
„Повредите не се совпаѓаат со начинот на кој е пронајдено телото. Останува само едно објаснување, а тоа е убиство“, изјави Фримен.
Судскиот патолог кој ја извршил обдукцијата во 2019 година заклучил дека повредите на Епстин одговараат на самоубиство.
Канцеларијата на генералниот инспектор при американското Министерство за правда соопшти дека патологот тогаш оценил оти повредите се повеќе карактеристични за самоубиство со бесење отколку за убиство со давење. Тој истакнал и дека немало одбранбени повреди какви што се очекуваат кај жртви на давење.
Д-р Барбара Семпсон, тогашната главна судска патологка, која го потврди заклучокот за самоубиство, претходно изјавила:
„Цврсто стојам зад нашата одлука за причината и начинот на смртта на господинот Епстин“.
Фримен, пак, забележал дека во истрага за смрт со бесење во притвор би очекувал да има фотографија од телото пред да биде симнато. Според истрагата на Министерството за правда, чуварот кој го пронашол Епстин веднаш повикал колега, го спуштил телото на подот и започнал со реанимација.
На прашањето кој би можел да го убие Епстин доколку неговото толкување на доказите е точно, Фримен одговорил дека нема претстава.
„За тоа немам мислење. Тоа не беше дел од ниту една истрага што сум ја спровел“, рекол тој.
Тој ги отфрлил сугестиите дека неговите ставови се наклонети кон теории на заговор.
„Имам луксуз да кажам – не ми верувајте на збор, секој нека погледне сам. Ако и понатаму мислите дека сум теоретичар на заговор затоа што гледам нешто што изгледа како давење и велам дека мислам оти станува збор за давење, а не за бесење, покажете ми каде грешам. Целосно сум отворен за тоа. Јас сум академик и со задоволство ќе ги сослушам аргументираните теории на другите луѓе“, порачал Фримен.
Фримен работел како експерт за утврдување на причините за смрт за американски обвинители во случаи на смрт во полициски притвор, вклучително и во случајот со Џорџ Флојд во Минесота.
Своето истражување го објави откако во понеделникот вечерта во Лондон ги претставил своите заклучоци.
Џефри Епстин беше пронајден мртов на 10 август 2019 година во њујоршки затвор, каде што го чекаше судењето по обвиненијата за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација.
Неговата смрт се случи еден месец откако накратко бил ставен под надзор поради опасност од самоубиство.
Во 2008 година беше осуден за подведување малолетничка и регистриран како сексуален престапник, но избегна построга затворска казна благодарение на спогодба со обвинителството. Единаесет години подоцна повторно беше обвинет за организирање мрежа на малолетнички кои сексуално ги експлоатирал.
