Кристијан Корубовски (31), осомничен за бруталниот напад врз 26-годишната Сара Ѓорѓиевска од Охрид, повторно е приведен во полициската станица во Охрид.
Од Секторот за внатрешни работи Охрид ја потврдија информацијата, посочувајќи дека во случајот се појавиле нови околности. Засега не се соопштуваат дополнителни детали за причините за повторното приведување, ниту дали надлежното обвинителство ќе побара одредување мерка притвор.
Против Корубовски претходно беше поднесена кривична пријава за тешка телесна повреда, а судот му одреди мерки на претпазливост. Меѓу нив се забрана за приближување до девојката на растојание помало од 50 метри, како и одземање на патната исправа.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески денеска изјави дека по разгледувањето на доказите ќе биде донесена одлука за конечната правна квалификација на делото.
Повторното приведување доаѓа по новите околности во случајот, а се очекуваат дополнителни информации од надлежните институции за понатамошниот тек на постапката.
