Светот опасно се приближува кон нов глобален конфликт, а државите почнаа да ја прифаќаат војната како неизбежна реалност. Вооружувањето, нуклеарните закани, развојот на вештачката интелигенција и слабеењето на меѓународните институции создаваат услови за катастрофа каква што човештвото нема доживеано уште од Втората светска војна.
На ова предупредува шпанскиот премиер Педро Санчез во авторски текст за американското списание „Форин аферс“ (Foreign Affairs), насловен „Последната шанса на светот за мир: Како да се спречи нова светска војна“.
Санчез оценува дека во текот на последната деценија, светот постепено почнал да ја прифаќа војната како нешто нормално. Според него, конфликтите во Украина, Либан и Иран покажуваат дека меѓународниот поредок сè повеќе се враќа во времето кога државите ги решавале споровите и освојувале територии со сила.
Истовремено, воените буџети растат, трката во вооружување се забрзува, а сè повеќе земји ја разгледуваат можноста за стекнување нуклеарно оружје.
„Ништо не е поопасно од нормализацијата на војната“, предупредува шпанскиот премиер во текстот за „Форин аферс“.
Тој потсетува дека меѓународниот поредок воспоставен по Втората светска војна имал една основна цел – да спречи повторување на глобална катастрофа. Сепак, институциите што со децении ја одржуваа меѓународната стабилност, денес стануваат сè послаби.
Санчез ја издвојува американската инвазија врз Ирак во 2003 година како една од пресвртните точки. И покрај милионските антивоени протести ширум светот, војната започнала врз основа на, како што тврди тој, лажни претпоставки и со кршење на меѓународното право.
Според неговата проценка, тој конфликт придонесе за дестабилизација на Блискиот Исток и за слабеење на меѓународните механизми за спречување војни.
Шпанскиот премиер изнесува загрижувачки податоци за размерите на современите конфликти.
Според Програмата за податоци за конфликти на Универзитетот во Упсала, во 2025 година биле забележани 65 активни конфликти во кои се вклучени државни органи – двојно повеќе отколку во 2010 година.
Во тие конфликти загинале приближно 250.000 луѓе, што претставува најголем годишен број на жртви во последните 30 години.
Речиси 120 милиони луѓе ширум светот беа принудени да ги напуштат своите домови.
Санчез, исто така, предупредува на драматичен пораст на воените трошоци. Во текот на последната деценија, глобалните трошоци за одбрана се зголемија за повеќе од 40 отсто, додека некои земји ги удвоија своите воени буџети.
Денес, светот годишно троши речиси три трилиони долари за одбрана, што е приближно еднакво на вкупниот бруто-домашен производ на африканскиот континент.
Дури и земјите што традиционално беа воздржани кога станува збор за вооружувањето – како Германија, Данска, Јапонија и Норвешка – забрзано ги зајакнуваат своите воени капацитети.
Санчез смета дека новата трка во нуклеарно вооружување е особено загрижувачка.
Сите девет држави што поседуваат нуклеарно оружје ги модернизираат своите арсенали и ги зголемуваат своите деструктивни капацитети.
Според податоците што тој ги наведува, Кина на крајот од претходната деценија располагала со приближно 200 до 300 нуклеарни боеви глави, додека денес има околу 620.
Северна Кореја го зголемила својот арсенал од проценети 10 до 20 боеви глави во 2018 година на приближно 60.
Во март, Франција го најави првото зголемување на бројот на нуклеарни боеви глави уште од 1992 година.
Истовремено, САД и Русија не успеаја да го зачуваат последниот преостанат договор со кој се ограничуваат нивните стратешки нуклеарни арсенали.
Санчез предупредува дека сè повеќе земји, кои моментално немаат нуклеарно оружје, ја разгледуваат можноста за негов развој.
