ВИДЕО: Глобалниот пад на Microsoft блокира бизниси и институции

Од:

Милиони луѓе ширум светот се соочуваат со сериозни проблеми во користењето на услугите на „Мајкрософт“, меѓу кои Outlook, Teams и Copilot, по глобалниот пад на системите што трае повеќе од 10 часа.

Иако експертите предупредуваат дека прекинот може да прерасне во еден од најголемите во историјата, со штети од милијарди долари, од „Мајкрософт“ ги отфрлија сомнежите за хакерски напад и соопштија дека работат на отстранување на проблемот.

Падот ги погоди корисниците ширум светот. Според страницата Downdetector, која ги следи пријавите за технички проблеми, за само еден час прекинот се проширил во 74 држави.

Бројот на пријави за проблеми со Outlook во четвртокот доцна попладне достигнал речиси 140.000, што е повеќе од 2.000 пати над вообичаеното ниво.

Од „Мајкрософт“ соопштија дека причината не е кибернетички напад, туку проблем во сопствената инфраструктура, односно „зголемено оптоварување“ во повеќе региони.

Како што објаснија, проблемот не настанал поради преголем број корисници, туку поради неочекуван прекин во работата на одреден број сервери. Тоа предизвикало преоптоварување на преостанатите сервери, кои не можеле да ги обработат сите барања.

Иако во еден момент од компанијата соопштија дека забележуваат „позитивни резултати“ од поправките, набргу признаа дека планот не се одвива според очекувањата.

Предупредија дека услугите, дури и откако повторно ќе проработат, може повторно да паднат кога корисниците ќе почнат да се поврзуваат. Поради тоа, тестираат алтернативни начини за пристап до алатките без повторно преоптоварување на системот.

Размерите на прекинот се големи. Повеќе од 430 милиони луѓе ги користат апликациите на „Мајкрософт“, додека над 90 проценти од најголемите светски компании го користат нивниот четбот со вештачка интелигенција Copilot.

Проблемите ги погодија и технолошките гиганти како OpenAI и Anthropic, а во некои држави, меѓу кои Сингапур и Австралија, предизвикаа сериозни нарушувања во работата на државните служби.

Властите во Сингапур ги повикаа граѓаните за итни случаи да ги користат телефонските центри, додека државата Нов Јужен Велс во Австралија побара од граѓаните да ги одложат посетите на државните канцеларии.

Проблемот го почувствува и здравствениот систем во Австралија, но од тамошното лекарско здружение соопштија дека грижата за пациентите не е загрозена бидејќи болниците можат повторно да преминат на хартиени рецепти.

Прекинот го погоди и Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, кој објави дека и неговите корисници се соочуваат со проблеми. Во Австралија, меѓу погодените институции се и разузнавачката служба и федералната полиција.

Австралискиот министер за кибернетичка безбедност Тони Бурк изјави дека „Мајкрософт“ смета оти ситуацијата е слична на онаа со компанијата CrowdStrike, кога неисправно ажурирање предизвика глобален колапс и проблеми во болниците и на аеродромите ширум светот.

Експертите за безбедност предупредуваат дека последиците од ваквиот прекин се многу пошироки од прекин на вообичаените работни активности.

Познатиот експерт за кибернетичка безбедност Трој Хант објаснува дека „Мајкрософт“ е еден од клучните делови на интернет-инфраструктурата, поради што последиците од падот се чувствуваат во различни сектори.

Според него, проблемот им оневозможува на луѓето да закажуваат термини, да потврдуваат онлајн купувања и да пристапуваат до различни кориснички сметки. Ова, како што посочува, ја покажува важноста компаниите да имаат резервни планови за вакви ситуации.

Експертот Пол Спејн од компанијата Gorilla Technology оцени дека, доколку навистина не станува збор за хакерски напад, прекинот укажува на „неверојатна неспособност“, поради која компаниите практично загубиле цел работен ден.

Поради проблемите, банките, универзитетите и институциите ширум светот ги предупредуваат своите клиенти да внимаваат на измами.

Хакерите веќе ја користат ситуацијата и паниката испраќајќи лажни електронски пораки и СМС-пораки во кои нудат „ИТ-поддршка“, а всушност се обидуваат да украдат лични податоци или да ги наведат корисниците да инсталираат злонамерни апликации.

Додека системските администратори се обидуваат да ги отстранат проблемите, на социјалните мрежи корисниците се шегуваат на сметка на зависноста од дигиталните алатки.

Особено популарна е објавата на Икс во која еден корисник на шега предлага враќање во раните 2000-ти и испраќање електронски пораки преку табела во Excel, како во песната „Dilemma“ на Кели Роуланд.

Една американска агенција за недвижности иронично забележа: „Денови како овој те потсетуваат дека целата твоја работа се сведува исклучиво на испраќање електронски пораки“.

Би можело да ве интересира

Избор на финалисти за националниот натпревар „Мајкрософт офис специјалист“

Ана Ололовска

Се одржа „Ден на Мајкрософт“ во Скопје: „Технологијата во облак (cloud) го помага општеството“

Ана Ололовска

Прво место за Македонија на Светскиот форум на Мајкрософт

Ана Ололовска