(ВИДЕО) Опозицијата го критикува вториот ребаланс на Буџетот: Висок дефицит и намалени капитални инвестиции

Од:

Во дебатата за вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година, опозициските пратеници оценија дека неговото носење на неполни два месеци до крајот на годината отвора сериозни прашања за квалитетот на буџетското планирање, реалноста на приходните проекции и приоритетите на економската политика.

Мојата оценка е дека овој ребаланс не нуди убедлив одговор на економските предизвици, туку напротив покажува слабости во планирањето, висок дефицит и намалување на средствата за развојни програми и капитални инвестиции – рече пратеникот Димитар Ковачевски од СДСМ.

Според него, бројките во однос на дефицитот, кој останува висок, и намалените развојни инвестиции ја покажуваат основната противречност на ребалансот.

Вкупните приходи се планирани на 374,2 милијарди денари, а расходите на 420,5 милијарди денари, дефицитот достигнува 46,3 милијарди денари, односно 4,1 процент од БДП. Во споредба со првичниот буџет дефицитот расте од 39,2 милијарди денари на 46,3 милијарди денари, истовремено капиталните расходи се намалуваат од 46,5 на 40,1 милијарди денари во однос на јунскиот ребаланс. Значи имаме повисоки вкупни расходи, поголем дефицит и помалку средства за капитални инвестиции. Ова е суштински проблем. Капиталните инвестиции не се обична суштинска ставка. Тие се инвестиции во патишта, училишта, болници, енергетика и комунална инфраструктура. Нивното одложување значи изгубени развојни можности и повисоки трошоци во иднина – рече Ковачевски.

Координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, истакна дека втор ребаланс на Буџетот се носи четврти пат од независноста на државата, и тоа на помалку од два месеци до крајот на годината, додека во петок почнува расправата за Буџетот за 2027 година.

Според Крмов, вистинските причини за вториот ребаланс треба да се бараат во ставките каде што најмногу се префрлаат пари, а тоа се социјалните трансфери за пензии, социјални надоместоци и здравствена заштита.

– Овие пари, милиони евра, не се за некое зголемување до крајот на годината, ова се за тековни обврски на Владата, ако не се направеше ова немаше да се исплатат ниту пензии, ниту социјална заштита…, додаде пратеникот од Левица.

Сања Лукаревска од СДСМ рече дека вториот ребаланс е резултат на погрешно планирање, но дека нема одговор каде и кога била направена грешката. Според неа, планирањето сега оди во погрешна насока и кај приходите, и кај расходите, и кај дефицитот.

Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ рече дека е многу важно за граѓаните објективно да се дискутира за да имаат реална претстава за она што се случува во општеството.

Многу е важно да се каже дека овој ребаланс на Буџет, втор оваа година којшто го критикувате, е со една и единствена цел, а тоа е горивата чиишто цени скокнаа од 70 на 97 денари да не бидат 114 денари – рече Пренџов.

Пратеникот кажа дека амандманите што ги поднела опозицијата се за „рилсови“ и политички поени, бидејќи на 40 дена до крајот на годината нема простор за големи проекти. Пренџов смета дека голем дел од дискусијата треба да се одвива од следната недела, кога ќе се разговара за новиот буџет.

На почетокот на собраниската седница, при утврдувањето на дневниот ред, опозицискиот СДСМ побара да биде повлечена точката за измените на Законот за јавните набавки. Од партијата оценија дека постојат индиции оти со измените ќе се намали транспарентноста и ќе се обесхрабрат помалите компании да учествуваат на тендери. Предлогот не беше поддржан од мнозинството пратеници.

Не беше прифатен ниту предлогот на Левица за измени на Законот за здравственото осигурување, со кој се предвидуваше законска заштита на веќе стекнатото право на седумдневно основно боледување.

Фондот нема демократски легитимитет да задира во веќе стекнатите права на работниците – рече пратеникот Амар Мециновиќ, нагласувајќи дека Собранието има морална и институционална обврска да ги заштити работничките и социјалните права од самоволните одлуки на функционерите.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, образложувајќи го дополнетиот предлог-ребаланс, рече дека тој е одговор на новите економски околности и последиците од глобалната неизвесност врз домашната економија. Таа нагласи дека корекцијата не е резултат на проблеми со ликвидноста, туку на намалувањето на ДДВ и акцизата за бензините и дизелот, со цел да се заштити стандардот на граѓаните и да се спречи прелевањето на повисоките цени на нафтата врз другите производи и услуги.

Според министерката, до крајот на годината се обезбедени средства за сите обврски на државата, вклучително и платите, пензиите, социјалните надоместоци, обврските кон стопанството и отплатата на долговите.

Таа информираше дека просечната инфлација во првите девет месеци изнесувала 3,6 проценти, а проекцијата за целата 2026 година е намалена од 4,5 на 3,8 проценти. Економската активност во вториот квартал забележала реален годишен раст од 4,3 проценти, додека растот во првото полугодие изнесувал 3,7 проценти.

Заклучно со 30 октомври, вкупните приходи биле реализирани во износ од 292,7 милијарди денари, а даночните приходи и придонесите достигнале 269,3 милијарди денари. Вкупните расходи изнесувале 332,7 милијарди денари. Капиталните расходи биле реализирани во износ од 27 милијарди денари, што е раст од 25,2 проценти во споредба со истиот период лани.

Со дополнетиот ребаланс, вкупните приходи се планирани на 374,2 милијарди денари, а расходите на 420,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит останува на 46,3 милијарди денари. За социјални трансфери се обезбедени дополнителни 3,7 милијарди денари, од кои 1,4 милијарда за социјални надоместоци, како и дополнителни 887 милиони денари за здравствена заштита. Капиталните расходи се намалени за речиси 5,9 милијарди денари, главно поради пролонгирање на реализацијата на одредени капитални проекти.

Димитриеска-Кочоска посочи дека државата има обврска да сервисира вкупно 76,6 милијарди денари, од кои 55,1 милијарда се за отплата на надворешниот долг, 19,9 милијарди за домашниот долг, а 1,6 милијарда денари се одлив по даден заем кон Развојната банка.

Би можело да ве интересира

Милошоски: Измени на Кривичниот законик за намалување на ризиците поврзани со членството во СЕПА

Законот за јавни набавки повторно во Собранието, поднесени 2.158 амандмани

Катерина Ѓуровски

За измените на Законот за јавни набавки поднесени 2.158 амандмани, ВМРО-ДПМНЕ бара бришење на членот оспорен од претседателката Сиљановска Давкова

МФ: Владата го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година, ќе се достави до Собранието на усвојување

А1он

Собранието ја отфрли интерпелацијата за министерката Божиновска

Кризната состојба за нафтата продолжува до април

Катерина Ѓуровски