ВИДЕО: Новиот шеф на Белата куќа е креатор на најконтроверзните политики

Од:

Стивен Милер, советникот кој ги осмисли најстрогите имиграциски мерки на Доналд Трамп, од понеделник ја презема функцијата шеф на кабинетот на Белата куќа. Милер го следат бројни контроверзии, од разделувањето на семејствата на американско-мексиканската граница до преписката со десничарски портал, која критичарите ја оценија како промовирање на белиот национализам.

Трамп го објави назначувањето во петокот на социјалната мрежа Truth Social, нарекувајќи го Милер еден од своите најдоверливи советници. „Стивен е со мене од самиот почеток. Тој разбира“, изјави подоцна пред новинарите, пренесе НПР.

Милер (41) ја наследува Сузи Вајлс, која поднесе оставка неколку дена по изборниот пораз на републиканците и загубата на мнозинството во двата дома на Конгресот. Таа преминува во политичкиот тим на Трамп.

По назначувањето, Милер го опиша Трамп како најтрансформативниот политички лидер во американската историја.

Милер е роден на 23 август 1985 година во Санта Моника, Калифорнија. Со конзервативната политика се занимавал уште во средношколските денови, објави АП.

Како студент на Универзитетот Дјук, во јавноста се истакна во 2006 година, кога ги бранеше членовите на лакрос-тимот обвинети за силување. Обвиненијата подоцна се покажаа како лажни, пишува британскиот „Њу Ворлд“.

По студиите работел за републиканците во сенатските комисии за правосудство и буџет, а кај сенаторот Џеф Сешнс, подоцна министер за правда во администрацијата на Трамп, бил шеф за комуникации.

На кампањата на Трамп се приклучил во 2016 година како автор на говори и е еден од ретките соработници кои останаа покрај него во двата претседателски мандата.

Во првиот мандат на Трамп, Милер ја креираше имиграциската политика, вклучително и мерките поради кои илјадници семејства беа разделени на границата, објави Еј-би-си њуз.

Најмногу критики предизвикаа електронските пораки што во 2019 година ги објави американската организација „Саутерн Поврти Ло Центар“ (SPLC), која го следи екстремизмот.

Станува збор за повеќе од 900 пораки што Милер во 2015 и 2016 година ги испраќал до уредништвото на десничарскиот портал „Брајтбарт“. Според организацијата, во нив тој препорачувал текстови од веб-страници на бели националисти и предлагал споредби со романот „Кампот на светците“, француска книга од 1973 година популарна меѓу приврзаниците на белиот национализам.

Белата куќа тогаш не се осврна директно на содржината на пораките, а демократите побараа оставка од Милер.

Меѓу двата претседателски мандата на Трамп, Милер ја водеше организацијата „Америка фрст легал“, која се претставуваше како конзервативна противтежа на Американската унија за граѓански слободи (ACLU). Организацијата водеше правни постапки против администрацијата на Џо Бајден, медиумите и универзитетите.

Во вториот мандат на Трамп, Милер формално беше заменик-шеф на кабинетот и советник за внатрешна безбедност, но неговото влијание беше многу поголемо од функцијата.

Поранешниот стратег на Трамп, Стив Банон, го нарече „премиер“ на американскиот претседател, а „Аксиос“ објави дека дури и министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем, иако формално беше надредена на Милер, одговарала пред него.

Минатата година, Милер побарал од имиграциската служба ИЦЕ да спроведува по 3.000 апсења дневно, речиси десет пати повеќе од една година претходно, пишува „Гардијан“.

Според Ројтерс, откако Милер изјавил дека агенцијата треба да ги таргетира продавниците на „Хоум депо“, каде што се собираат работници кои бараат дневна работа, тие места станале жаришта на полициски рации.

Во јануари годинава, федерални агенти во Минеаполис убија двајца американски државјани – Рене Гуд, мајка на три деца, и Алекс Прети, медицински техничар на одделот за интензивна нега.

Милер го нарече Прети „домашен терорист“ и „атентатор“ во објава на социјалната мрежа Икс. Демократскиот конгресмен Дон Бајер го обвини дека продолжува да ги оцрнува жртвите дури и по нивната смрт, пренесе Би-би-си.

Милер потоа се повлече од јавноста, но според „Њујорк тајмс“, зад сцената продолжил да води состаноци со имиграциските функционери и да ги повикува републиканците да се спротивстават на реформите на ИЦЕ што ги бараа демократите.

Во последните месеци, Милер се вклучи и во надворешната политика.

На почетокот на јануари ја бранеше американската воена операција со која беше соборен венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Во интервју за Си-ен-ен изјави и дека Гренланд треба да ѝ припадне на САД, не исклучувајќи ја ниту употребата на сила.

„Со кое право Данска полага право на Гренланд?“, праша тогаш Милер.

По неговата изјава, Данска свика итна седница на парламентарната комисија за надворешни работи.

Белата куќа тврди дека политиката ја води претседателот, а Милер само доследно ја спроведува – од имиграцијата до прашањата за Гренланд и Венецуела.

Шефот на кабинетот управува со персоналот и секојдневното функционирање на Белата куќа, како и одлучува кој ќе има пристап до претседателот.

Соговорник на НПР потсетил дека оваа функција треба да биде неутрален посредник кој ќе обезбеди претседателот да ги слушне сите ставови, а шефот на кабинетот често е и последната личност со која разговара пред да донесе одлука.

Вајлс беше најдолговечната шефица на кабинетот на Трамп, додека во неговиот прв мандат на оваа позиција се сменија четири лица.

Милер ја презема функцијата во момент кога демократите од јануари ќе имаат контрола врз двата дома на Конгресот и најавуваат засилен надзор над ИЦЕ и Министерството за внатрешна безбедност.

Хаким Џефрис, кој треба да стане претседател на Претставничкиот дом, го нарече Милер „опасен ксенофоб и непромислен екстремист кој има американска крв на рацете“.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) САД изведоа нови напади врз Иран. Трамп: Поставија некаков противвоздушен систем

ВИДЕО: Нов обид за атентат врз Трамп

Трамп ја прогласува Овалната соба во Белата куќа за национален споменик

Израел e затекнат од одлуката на Трамп: Вашингтон најавува прекин на воената помош

Трамп: Изборите во Америка се толку наместени, што не можете ни да замислите

Трамп: Иран нема да има нуклеарно оружје