Украина разви модем за дронови, повеќе нема да зависи од „Старлинк“

Од:

Украинската компанија „Militech Group“ го разви LTE модемот „Grim“, наменет за управување со дронови во услови кога пристапот до мрежата „Starlink“ е ограничен. Од компанијата за порталот *Militarnyi* изјавија дека уредот ја зголемува моќноста на LTE преносот на 1,5 вати – што е шест пати повеќе од моќноста на стандарден LTE модем – овозможувајќи стабилна врска дури и кога сигналот од мобилната мрежа е многу слаб.

Во октомври, единиците долж поголемиот дел од линијата на фронтот почнаа да пријавуваат значителни доцнења во преносот на податоци преку „Starlink“ – комуникациски канал што е клучен за управување со FPV дронови и беспилотни копнени возила (UGV).

Во вакви околности, ограничувањата во перформансите на „Starlink“ би можеле да доведат до тоа единиците долж целиот фронт делумно да не можат да ги користат беспилотните системи. Во моментов, дроновите и беспилотните копнени возила сочинуваат од 50 до 90 отсто од борбените задачи, почнувајќи од извидување и напади врз воена опрема, па сè до логистика и поставување мини.

Во современите борбени услови, комуникацијата со беспилотните системи се одржува преку оптички кабли на калеми, терминали од воена класа „Starshield“, мрежата „Starlink“ и LTE модеми поврзани со локалните мобилни мрежи.

– Со оглед на ограничувањата во дострелот и трошоците поврзани со оптичките кабли на калеми, како и неизвесноста околу пристапот до „Starlink“ преку трети страни, LTE во моментов се издвојува како едно од ретките сигурни решенија за воени мултикоптери и беспилотни копнени возила, изјави Васил Полишчук, директор за деловни операции во „Militech Group“.

На тежок или непристапен терен, каде што покриеноста со мобилна мрежа е слаба или нестабилна, операторите ризикуваат да ја изгубат врската со дроновите, што може да го оневозможи извршувањето на мисиите.

„Предвидувајќи ги овие предизвици, нашиот тим за истражување и развој разви технологија за зголемување на моќноста на LTE преносот на 1,5 вати. Ова овозможува непречено префрлање помеѓу базните станици и обезбедува дострел до 45 километри“, додаде Полишчук.

Ова решение сега е достапно преку платформата „Brave1“ во форма на LTE модемот „Grim“, произведен од „Militech Group“.

Управувањето со беспилотни летала и копнени возила преку LTE мрежа бара стабилен мобилен сигнал со доволна јачина; Влошувањето на квалитетот на сигналот може да доведе до губење на контролата врз беспилотниот систем. Стандардната излезна моќност кај типичен предавател на LTE модем обично изнесува околу 0,25 вати. Модемот „Grim“ ја зголемува моќноста на LTE преносот, вклучително и во области со слаба покриеност на мобилната мрежа.

Производот е тестиран и е подготвен за употреба во борбени услови. Тој е заснован на стандарден LTE модем од MikroTik, опремен со вграден засилувач на сигнал.

Уредот исто така поседува два слота за SIM-картички. Основната конфигурација не вклучува антени; тие се избираат поединечно, во зависност од видот на беспилотниот систем.

„Се подготвува серија од 500 или повеќе модеми ’Grim‘ за украинските производители на беспилотни системи, кои ќе бидат испорачани во текот на 2026 година. Се очекува производот да стане достапен за странски купувачи од јануари 2027 година“, соопштија од компанијата.

Би можело да ве интересира

САД, Украина и Русија подготвуваат конкретни предлози за трилатерални преговори

Зеленски бара јасни безбедносни гаранции: Кој и како ќе реагира ако Русија повторно ја нападне Украина?

ЕУ: Украина напредува кон членство во ЕУ и покрај војната

Фронмајер до Мерц: „Какво е ова лудило – им земате на Германците за да ѝ давате на Украина“

НАТО крена борбени авиони – руски и украински дронoви навлегоа во воздушниот простор на Латвија

А1он

(ВИДЕО) Судир меѓу граѓани и Националната гарда во Киев: Демонстранти сакаа да влезат наводен таен воен затвор

Горан Наумовски