Европскиот комесар за проширување, Марта Кос, во Брисел се сретна со четворица претставници на „Студентската листа“ – што претставува прв контакт помеѓу оваа група и некој висок претставник на ЕУ по нивната победа на изборите на 25 октомври, пренесува „Еуроњуз“ (Euronews).
Средбата се одржа во Брисел, на покана на Марта Кос. Разговорите беа фокусирани на внатрешните прашања, а не на подобрување на односите со ЕУ.
Според „Еуроњуз“, четворицата претставници на „Студентската листа“ ѝ пренеле на Кос дека нивниот фокус е насочен кон враќање на владеењето на правото и демократијата во Србија – како заради Европа, така и, пред сè, за доброто на сопствениот народ.
Се наведува дека „Студентската листа“ сè уште нема јасно дефинирано раководство или планови за формирање влада; следствено на тоа, делегацијата настапи како група, а Европската комисија одби да го потврди точниот идентитет на учесниците.
Според официјалниот распоред на Европската комисија, претставниците на групата тој ден не се сретнале со ниту еден друг европски комесар.
Во средата, обраќајќи им се на членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Кос изјави дека новата српска влада има можност да сврти нова страница и да ги преземе неопходните чекори за напредок на патот кон пристапување во ЕУ. Таа потврди дека претходно оваа недела се сретнала со претставници на „Студентската листа“, пренесува „Еуроњуз“, додавајќи дека средбата се одржала во момент кога Европската комисија го финализирала својот годишен извештај за проценка на земјите-кандидати.
