Министерот за здравство Сашо Клековски најави формирање посебна комисија која ќе го разгледува случајот со Ива Михаилова, а во ревизијата ќе бидат вклучени и експерти од странство. Ова следи откако Државниот санитарен и здравствен инспекторат го завршил првичниот инспекциски надзор, при што биле опфатени повеќе здравствени установи.
– Завршивме со првичниот инспекциски надзор од ДСЗИ. Опфатени се повеќе болници, освен Клиниката за неврологија, и болниците во Кочани, Штип и уште една здравствена установа. Деновиве ќе формирам комисија, а поради сензитивноста на случајот ќе барам експерти надвор од земјата да направат ревизија на случајот – рече Клековски по средбата со новинарите на која ги презентираше реализираните активности и стратешките приоритети во изминатите три месеци.
Посочи дека целокупната документација веќе е прибрана и дека претстои нејзина детална обработка. Со формирањето на комисијата и вклучувањето странски експерти, Министерството најавува дополнителна проверка на медицинската документација и постапувањето на здравствените установи вклучени во случајот.
