ВЛЕН го оцени ослободувањето од притвор на Артан Груби и Перпарим Бајрами како невиден скандал и отворено исмевање со државните институции, барајќи итно објаснување од надлежните органи и одговорните во судството и обвинителството.
Во партиското соопштение, ВЛЕН отвора прашања за можни влијанија врз судските одлуки и поврзаноста на поранешната власт со тајните служби и организираниот криминал.
„Дали Сашо Мијалков му го враќа долгот на Артан Груби за услугите што овој му ги правел, оставајќи го на слобода додека Албанците гниеја по затворите? Дали ова е сметката за манипулацијата со правосудниот систем преку послушни судии, поради што Артан Груби заврши на американската црна листа?“, прашува ВЛЕН.
Од партијата бараат надлежните институции да објаснат како дошло до ослободување на двајцата, кои повеќе од една година биле во бегство од правдата.
ВЛЕН посочува дека по Артан Груби, кој се наоѓа на американската црна листа поради коруптивни активности во соработка со Мијалков, со гаранција од 1,2 милиони евра од притвор е ослободен и Перпарим Бајрами, поранешен директор на Државна лотарија.
„Како политичка партија на власт, ќе ги искористиме сите институционални механизми за расветлување на овој скандал и за да ги увериме граѓаните дека нема да има исмевање со правдата и државата“, наведуваат од ВЛЕН.
Партијата бара и зголемено меѓународно внимание кон, како што оценува, деградацијата на институциите и нарушувањето на довербата на граѓаните во правната држава и борбата против организираниот криминал.
Ги повикува меѓународните претставници и странските амбасади внимателно да го следат случајот, додавајќи дека сите што имале улога во овие процеси мора да понесат одговорност.
„Груби и Бајрами не смеат да бидат над законот. Никој не смее да ја избегне одговорноста. Одговорност ќе има. Правдата ќе стигне до секого“, порачуваат од ВЛЕН.
