Од 62 локомотиви со кои располага Железници на Република Македонија (ЖРСМ) Транспорт АД Скопје, во функција се само девет, а загубата за 2024 година изнесува 331,8 милиони денари или заедно со пренесените загуби од претходните години достигнува 6,75 милијарди денари, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Според ДЗР, друштвото располага со 62 локомотиви од кои во функција се само 9, со 16 патнички гарнитури од кои во функција се 5 и 47 патнички вагони од кои две се во редовен сообраќај и се користат за превоз на патници.
Постојат неправилности и во начинот на управување и евидентирање на дел од залихите на суровини, материјали, резервни делови, ситен инвентар, амбалажа и авто гуми. Имајќи предвид дека 71% од залихите или 342.345 илјади денари односно 5.548.000 евра се постари од 2019 година, констатирано е дека на крајот на пресметковниот период, не е направено нивно вредносно усогласување.
И во делот на управувањето со нафтените деривати, ревизијата утврди несоодветно, недомаќинско и небезбедно ракување при прием и издавање нафта кое може да ја загрози безбедноста и здравјето на граѓаните и животната средина. Опремата за мерење е застарена, импровизирана и лесна за манипулација, поради што не ја прикажува реалната состојба на нафтените деривати во секој момент. Исто така и полнењето на возила со гориво се врши со пумпи, чии мерила подолг временски период не се верификувани/ баждарени. Друштвото наместо навремено подмирување на доспеаните обврски, воспоставило пракса за поднесување приговори на решенијата за платни налози, што резултирало со пролонгирање на судските постапки и значително зголемување на обврските по основ на главен долг, камати и судски трошоци.
-ЖРСМ Транспорт АД Скопје континуирано искажува загуби од работењето при што за 2024 година загубата изнесува 331.796 илјади денари, што споредено од претходната година (2023 година) бележи намалување за 427.567 илјади денари, но заедно со пренесена загуба од претходни години (6.442.424 илјади денари) достигнува вкупен износ од 6.754.219 илјади денари односно 109.115.000 евра. Континуираните загуби во работењето негативно влијаат врз тековното и идно работење на друштвото, неговиот развој и го доведуваат во прашање ефикасното, безбедното и навременото одвивање на железничкиот сообраќај. Со извршената ревизија констатирани се и други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на работењето на правниот субјект и дадени се препораки за нивно надминување. За надминување на утврдените состојби овластениот државен ревизор даде препораки со чија имплементација се очекува да се надминат причините за утврдените состојби. Од страна на генералниот директор на ЖРСМ Транспорт АД – Скопје на ден 02.11.2026 година доставена е Информација во врска со Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија и преземените активности“ со која одговорното лице известува за преземените досегашни активности за постапување по дадените препораки и истата претставува составен дел од објавата на Конечниот ревизорски извештај, наведува ДЗР.
Оценува и дека за извршување на планираниот обем на работа и возниот ред, потребно е друштвото да располага со исправни влечни и влечени капацитети, чија состојба е на граница на техничко-технолошка експлоатациона моќност.
-Причините за тековната состојба на влечните капацитети се должат на старосната структура на капацитетите и ненавремените инвестиции во средни и големи поправки поради недоволните финансиски средства, нередовните инвестиции во резервни делови и обнова на возниот парк. Старосната структура на влечните капацитети го оптоварува експлоатациониот процес, ја зголемува потрошувачката на енергенсите и ги зголемува празните возења на истите. Со извршениот увид во трговските книги, утврдено е дека за евидентираните стопански згради и сообраќајни објекти друштвото не поседува имотни листови со кои ќе се докаже запишаното право на сопственост и не е направено поврзување на обезбедените имотни листови со евидентираните средства, велат од ДЗР.
Како што пишува во ревизорскиот извештај, и покрај постоењето правосилно завршени судски постапки и висока веројатност за одлив на економски ресурси во износ од 260.982 илјади денари (4.243.600 евра), ЖРСМ Транспорт не извршило резервирање средства согласно МСС 37, поради што обврските, трошоците и финансискиот резултат не се реално и објективно прикажани во финансиските извештаи.
Ревизијата утврди и недоволна контрола врз потрошувачката на вода. Преку фактурите за потрошена вода кои во 2024 година изнесуваат вкупно 5.471 илјади денари утврдена е прекумерна потрошувачка на вода која не е соодветна за административни и услужни дејности, каде водата не претставува составен дел од производниот процес.
