До 11 часот, одѕивот на вториот круг од претседателските избори во Бугарија изнесува 6,11 проценти или на гласање излегле 405.270 гласачи, соопшти портпаролката на Централната изборна комисија, Стојанка Балова.
Најголем одѕив е регистриран во Видин, 8,07 проценти, а најнизок од 3,56 отсто во Крџали.
На првиот круг од изборите за претседател излезноста изнесуваше 5,8 проценти.
До ЦИК до моментов пристигнале 16 приговори, од кои најголем број за нарушување на тајноста на гласање и предизборна агитација на социјалните мрежи Фејсбук, Инстраграм и Вибер.
Машинското гласање повторно е востановено во 14 избирачки места, каде на 11 места се преминало на гласање со хартија, а на три се гласало на втората машина.
На новинарско прашање за проблемот со електричната енергија во целата земја, Балова одговори дека како во Сливница така и на други места, направени се поправки и гласањето во изборниов ден се одвива нормално.
Избирачките места се отворија во 7 часот по локално време, а гласањето треба да заврши во 20 часот. Доколку пред избирачките места има граѓани кои чекаат да го остварат своето право на глас, изборниот ден може да биде продолжен најдоцна до 21 часот. Се гласа и во странство на 613 избирачки места во 60 држави.
Право на гласање на претседателските избори имаат 6,59 милиони граѓани кои треба да изберат нов претседател и потпретседател на државата меѓу двете кандидатски двојки Илијана Јотова и Кирил Валчев и Андреј Ѓуров и Георги Кандев.
По завршувањето на гласањето Централната изборна комисија ќе почне со пребројување на гласовите, а официјалните резултати ќе ги објави во законски утврдениот рок, односно не подоцна од 48 часа од прогласувањето на изборниот ден за завршен. За претседател и потпретседател ќе биде избрана кандидатската двојка која ќе свои најмногу гласови на вториот круг.
