На денешен ден пред две години, 16 лица загинаа, а една беше тешко повредена при уривањето на настрешницата на реконструираната Железничка станица во Нови Сад. Иако се водат три одделни судски постапки за случајот, судењето сè уште не е почнато.
Настрешницата на железничката станица во Нови Сад се урна на 1 ноември 2024 година во 11:52 часот. Во несреќата загинаа 14 лица, меѓу кои и четири деца на возраст од шест, 10, 16 и 17 години. Три лица беа тешко повредени, од кои две подоцна им подлегнаа на повредите во болница.
Тој ден, под тони бетон загинаа Сара Фириќ (6), Валентина Фириќ (10) и Ѓорѓе Фириќ (53) од Ковиљ, како и Милица Адамовиќ (6), Сања Ќириќ Арбутина (35) и Милева Карановиќ (76), сите од Каќ.
Животите ги загубија и Немања Комар (17) од Степановиќево, Милош Милојсављевиќ (21) од Книќанин, Стефан Хрка (27) од Белград, Анѓела Руман (20) од Стара Пазова, Горанка Раца (58) од Нови Сад, Ѓуро Швоња (77) од Степановиќево, Вукашин Раковиќ (69) од Буковац и државјанинот на Македонија Васко Саздовски (46).
Ања Радоњиќ (24) од Параќин починала од последиците на тешките повреди во болница на 17 ноември 2024 година, а Вукашин Црнчевиќ (18) од Змајево на 21 март 2025 година.
Теодора Мартинко ја преживеала несреќата со тешки повреди.
Во Нови Сад денеска во 11:52 часот ќе се одржи комеморативен собир во организација на студентското движење. Собири на повеќе локации во градот се најавени уште од 9:30 часот, додека во храмот „Свети Сава“ во Белград, од 9 часот, помен ќе служи патријархот на Српската православна црква (СПЦ), Порфириј.
Во врска со уривањето на настрешницата, во моментов се водат три постапки пред три различни обвинителства – Вишите јавни обвинителства во Нови Сад и Белград, како и Обвинителството за организиран криминал. Сепак, ниту во една од нив судењето не почнало, иако поминаа две години од несреќата.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад во петокот соопшти дека подготвителното рочиште во оваа постапка сè уште не е закажано, бидејќи целокупните списи на предметот се наоѓаат во Врховниот суд на Србија. Судот треба да одлучи по барањата за заштита на законитоста што ги поднеле бранителите на обвинетите во врска со одлуката на Апелацискиот суд во Нови Сад за потврдување на обвинението.
Со обвинението се опфатени 13 лица, меѓу кои поранешниот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура Горан Весиќ, неговата помошничка Анита Димоски, поранешните директори на претпријатието „Инфраструктура железнице Србије“, Јелена Танасковиќ и Небојша Шурлан, како и проектанти и други одговорни лица задолжени за реконструкцијата на Железничката станица.
Од друга страна, Вишото јавно обвинителство во Белград поднело обвинение против само три лица – менаџерка за развој во претпријатието „Инфраструктура железнице Србије“, претседателот на Комисијата за технички прием на Железничката станица и една членка на таа комисија. Дел од стручната јавност смета дека оваа постапка служи за „опструкција“ на процесот што се води во Нови Сад.
Третата постапка се води пред Обвинителството за организиран криминал и сè уште е во истражна фаза. Покрај Весиќ, Димоски, Танасковиќ и Шурлан, со неа е опфатен и Томислав Момировиќ, кој беше министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура пред Весиќ.
Постапката се води поради сомневања за финансиски малверзации во проектот за изградба на брзата железничка пруга Нови Сад – Келебија, кој ја опфаќал и реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад. Осомничените се товарат дека го оштетиле државниот буџет за 115 милиони долари.
Реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад започнала во 2021 година. Главни изведувачи на работите биле кинеските компании „China Railway International“ и „China Communications Construction Company“, додека стручниот надзор го вршеле француската компанија „Егис“ (Egis) и унгарската „Утибер“ (Utiber).
Станицата официјално била пуштена во употреба во јули 2024 година, неколку месеци пред уривањето на настрешницата.
Во тој период станицата двапати ја посетиле и ја отвориле највисоки државни, покраински и градски функционери, меѓу кои тогашниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, и тогашниот премиер на Унгарија, Виктор Орбан.
Непосредно по уривањето на настрешницата, најпрво „Инфраструктура железнице Србије“ соопшти дека настрешницата не била реконструирана. Тоа подоцна го повторуваа и Вучиќ, тогашниот премиер Милош Вучевиќ и други функционери.
„Знам само дека, речиси неверојатно, 60 години не сме ја реновирале таа настрешница. Кога реновиравме сè и вложивме огромни пари, само таа настрешница не ја реновиравме. Зошто? Не знам, некој веројатно ќе даде одговори“, рече Вучиќ таа вечер во обраќањето до јавноста.
Според обвинението, причина за уривањето на настрешницата била корозијата на критичниот спој меѓу затегата и кровниот носач, што ја ослабнало носечката конструкција, но и додавањето нови елементи на настрешницата, со што дополнително била оптоварена.
Независната Анкетна комисија, во чиј состав биле експерти од различни области, со месеци го истражувала уривањето на настрешницата. На крајот оценила дека несреќата со 16 жртви била директна последица на коруптивни дејствија, пропусти во процедурите и дејствување на неформална линија на управување со проектот од кабинетот на тогашниот државен врв.
