Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека со Владимир Зеленски разговарал за безбедносната ситуација во Црното Море и дека Турција е подготвена да стори сè што е во нејзина моќ „да го отвори патот кон мирот“ во Украина.
На заедничка прес-конференција со Зеленски во Истанбул, Ердоган рече дека е јасно оти нападите врз цивилни бродови и дејствијата што ги ескалираат тензиите во Црното Море нема никому да донесат корист, пренесува агенцијата Анадолија.
„И покрај тешките воени услови, верувам дека нашите компании, кои не ја напуштија Украина, ќе дадат значаен придонес во обновата на Украина“, рече Ердоган.
Ердоган и Зеленски претходно се сретнаа во претседателската канцеларија во Долмабахче, каде што, како што беше соопштено, разговараа за проширување на соработката меѓу Анкара и Киев, како и за регионалните и меѓународните случувања.
По средбата со Ердоган, предвидено е Зеленски да се сретне со Вселенскиот патријарх Вартоломеј во Патријаршијата, во истанбулската населба Фенер.
Зеленски претходно разговараше со Вселенскиот патријарх за хуманитарните проблеми што произлегуваат од војната, вклучително и за тешката положба на украинските деца, како и за верските прашања во Украина.
