Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека преговарачи за мир од Украина, Русија и САД се договориле да одржат средба на техничко ниво во првата половина на ноември во Абу Даби, додавајќи дека се надева оти потоа ќе следи и средба на лидерите на тие земји.
Зеленски рече дека разговарал со американските пратеници Џаред Кушнер и Стив Виткоф по нивната средба со рускиот претседател Владимир Путин, која се одржа претходно оваа недела. Тој истакна дека секој мировен договор бара безбедносни гаранции за Украина, како и десетгодишно финансирање на украинската армија.
„Планот е да се сретнеме во првата половина на ноември – секако, што е можно порано“, изјави Зеленски преку видео-врска за Институтот „Хадсон“.
Тој додаде дека многу работи зависат од Русија, потсетувајќи дека слична средба, која била планирана за овој месец, не се одржала.
Зеленски ја нагласи важноста од продолжување на дипломатските напори за постигнување примирје и ставање крај на војната, која сега влегува во својата петта година, додавајќи дека во преговорите треба да биде вклучена и Европа.
Украинскиот претседател рече дека е од клучно значење по техничките разговори да следат средби на лидерите на земјите.
Зеленски посочи дека украинската војска сè уште има проблеми со пристапот до комуникациските системи „Старлинк“ (Starlink), и покрај уверувањата од американска страна дека ограничувањата на брзината се отстранети.
„Ограничувањата на брзината кај ’Старлинк‘ и ’Старшилд‘ (Starshield) сè уште постојат, а брзината не е вратена на претходното ниво“, рече тој, демантирајќи ја изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека услугите се целосно обновени.
