Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека ќе води „важни преговори“ во Турција, како дел од дипломатските напори за ставање крај на војната со Русија.
Во своето вечерно видео обраќање, Зеленски рече дека разговорите се поврзани со продолжување на преговорите, планирани за ноември, чија цел е да се најде решение за завршување на конфликтот, пренесува Ројтерс.
„Во Турција ќе се одржат важни преговори. Исто така, работиме на тоа да ги искористиме сите достапни дипломатски можности“, истакна Зеленски.
Тој наведе дека во ноември очекува можен напредок кон форматите за кои се разговара веќе подолго време.
Украина ги утврди клучните области за понатамошна употреба на оружје со долг дострел на руска територија, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Секој руски напад врз нашите градови и населби секогаш наидува на целосно праведен одговор. Во моментов, руски цели, кои се протегаат од Јамал до Западен Сибир, се во дострел на нашите удари, а ние работиме на тоа нашите беспилотни летала и ракети да можат да досегнат и до подалечни руски територии“, објави Зеленски на Телеграм, откако претстави извештај за нападите длабоко во руската територија во септември и октомври.
Зеленски напомена дека Украина планира да ги прошири своите единици за напади длабоко во непријателската територија, користејќи ги капацитетите на СБУ (Службата за безбедност на Украина), а особено на Центарот за специјални операции „Алфа“, како и на разузнавачките служби и другите компоненти на украинските одбранбени сили.
„Капацитетите на Украина за дејствување на долги растојанија се една од реалните гаранции за зачувување на независноста на нашата земја сега, за време на оваа војна, а ќе станат и една од долгорочните гаранции за безбедност по завршувањето на војната. Ние ја градиме нашата сила“, нагласи Зеленски.
