Николоски не очекува промената на власта во Србија да влијае на инфраструктурните проекти меѓу двете земји

Од:

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски не очекува промената на власта во Србија, по победата на Студентската листа на неодамнешните предвремени парламентарни избори, да влијае врз реализацијата на инфраструктурните проекти меѓу двете држави, особено во железничкиот сообраќај.

Николоски посочи дека изградбата на заедничкиот железнички граничен премин со Србија се одвива според предвидената динамика и очекува проектот да биде завршен до крајот на следната година.

„Таму имаме голема грант-компонента што ја користиме преку механизмот за поддршка на Европската Унија за Западен Балкан, значи е директен грант од Европската Унија. Избран е изведувач, тоа е македонската компанија ‘Гранит’, така што динамиката на работите е соодветна на она што е потпишано во договорот и очекувам, доколку сè оди добро, согласно рокот, до крајот на следната година веќе тој заеднички железнички граничен премин да биде завршен и потоа да биде ставен во функција“, рече Николоски на средбата со вицепремиерот на Црна Гора, Филип Ивановиќ.

Тој потсети дека Македонија и Грција имаат заеднички железнички граничен премин уште од времето на поранешна Југославија, воспоставен кон крајот на 1970-тите години.

Николоски смета дека нема причина Македонија и Србија да немаат таков премин, кој ќе овозможи побрз транзит, особено на товарните возови.

Во однос на најавената изградба на брзата пруга, тој рече дека станува збор за стратешки проект и посочи дека промените на владите не мора да значат прекин на големите инфраструктурни инвестиции. Како пример го наведе брзиот воз на линијата Белград – Будимпешта – Виена, чиј почеток на сообраќање е најавен за 13 декември.

Вицепремиерот на Црна Гора за надворешни и европски прашања, Филип Ивановиќ, оцени дека е рано да се зборува за првите потези на новите власти во Србија. Според него, на победниците на изборите треба да им се остави време да ги формираат институциите и владата, како и да подготват план за политиките што ќе ги спроведуваат.

Николоски посочи дека Македонија, како земја без излез на море, гради инфраструктура со која ќе се поврзе со најмалку три пристаништа – Солун, Драч и Бар. Тоа, според него, ќе отвори нови можности за домашната економија, трговската размена и настапот на македонските компании на нови пазари.

„Македонија на крајот на август почна да го гради автопатот Скопје – Блаце, кој значи директно автопатско поврзување со Црна Гора и отворање на Македонија кон трето пристаниште, а тоа е пристаништето Бар. Имајќи предвид дека веќе имаме добра поврзаност со пристаништето Солун, градиме поврзување со пристаништето Драч, а со изградбата на овој автопат ќе имаме одлично поврзување и со пристаништето Бар. На тој начин го правиме она што е најдобро за државата – како земја без излез на море да имаме пристап до најмалку три пристаништа“, рече Николоски.

Би можело да ве интересира

Од 1 мај стартува авиолинијата Тиват – Скопје

(ВИДЕО) Вучиќ тврди дека никој од странство не го убедил да не прави државен удар

ВИДЕО: Студентската листа во Србија бара оставки од челниците на полицијата, БИА, судството и Телеком, најави истраги за големи државни проекти

Студентите бараат итни оставки на генералниот директор и уредништвото во РТС

Катерина Ѓуровски

Шошкиќ: „Студентската листа“ сака подобри односи со Хрватска, не се занимаваме со различните наративи од деведесеттите

А1он

Ројтерс: Новите лидери во Србија се пред тешки предизвици, а Косово сметаат дека сè уште е составен дел од земјата

А1он